Премиерот Заев ќе предложи разрешување на поголем број функционери

Премиерот Зоран Заев денеска на Владата ќе и предложи разрешување на досегашни директори, заменици, раководители на институции и членови на управни одбори, а ќе достави и предлози за пополнување на местата кои ќе бидат испразнети по разрешувањето.

– Од денеска ќе почне постапка на именување на новите носители на државни функции, дел преку надзорни одбори, дел преку ресорни министри кои имаат можност да одлучуваат за таквите постапки. Секако за тие постапки постојат законски процедури. Ова се одлуки кои јас ќе ги доставам до Владата и до управувачките органи или носителите на одлуки, рече на денешната прес-конференција премиерот Заев, соопштувајќи ги притоа имињата на оние кои ќе бидат разрешени согласно оваа одлука.

Во разрешените, меѓу другите се директорот на ЈП „Македонија Пат“ Гајур Кадриу, на „Здравствен дом“ Скопје Злате Мемедовиќ, директорот и претседател на УО на МЕПСО Сашо Василевски, економскиот директор на УК за гинекологија и акушерство Ваљон Бела, ВД директорот на Агенција за лекови и медицински средства МАЛМЕД Ќахил Ибраими, директорката на Клиниката за детски болести Катерина Ставриќ, на Драмски Театар Скопје Викторија Арангелова Петровска, претседателот на УО и директор на ЕЛЕМ Драган Миновски и директорот на Железници Ирфан Асани.