Се расчистува старата тетовска депонија за да се гради пречистителна станица за отпадни води

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, градоначалникот на Тетово Теута Арифи и Гир Јохансен, прв секретар на Амбасадата на Норвешка денеска беа на теренска посета во близина на село Фалише, каде се расчистува старата тетовска депонија. По расчитувањето на депонијата, на истото место ќе почне градење на пречистителна станица за отпадни води за тетовскиот регион.

Османи потенцираше дека проектот е важен за регионот, но и за целата држава.

– Овој проект е мултидимензионален, не само по фактот што ќе исчисти една ваква депонија, но и ќе создаде предуслови да се гради пречистителна станица, отпадните води ќе ги чисти од целиот регион. Ќе покажеме одговорност и спрема регионот бидејќи оваа вода ќе оди во Грција, ќе станеме кредибилен фактор на регионот во заштита на животната средина и на граѓаните кои живеат на континентот, рече Османи.

Расчитувањето на депонијата се прави со помош на норвешката Влада.

– И Норвешка пред 25 години се наоѓаше во слична состојба и можеме да се пофалиме со фактот дека сега имаме повеќе од 2.700 пречистителни станица за отпадни води со што бенефит имаат граѓаните и животната средина. Така ќе биде и овде со реализaција на овој проект, рече Јохансен.

Расчитувањето на дивата депонија треба да заврши до декември 2019 година.

– Еден од стандардите за почеток на градба на пречистителна станица беше расчитување на оваа депонија. Во однос на проектната документација ги дадовме сите потребни дозволи, и за градба на пречистителна станица и на двата колектори, и со завршување на овој процес ЕУ нема да има проблем да продолжи со тендерирање и реализирање на проектот, изјави Арифи.

Според предвидувањето, како што рече Арифи, потоа до 2022 година целиот процес треба да биде комплетиран и да се изгради пречистителната станица со средства од ИПА фондовите во висина од 30 милиони евра со кои ќе се градат цела станица, двата колектори и нови канализациски мрежи.

Старата тетовска депонија се наоѓа на 67 илјади квадратни метри на патот од Фалише кон Стримница. Вкупно 170.000 кубни метри отпад се ископува и се транспортира во депонијата Дрисла. Чистењето, одлагањето на отпадот е финансирано од Владата и Општина Тетово со 2,3 милиони евра, додека транспортот на отпадот во износ од 700.000 евра е финансиран од Норвешка во рамки на проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија .