Билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Словенија, вклучувајќи ја и соработката на парламентарно ниво, беа главна тема на денешната средба на македонскиот претседател Стево Пендаровски и првиот човек на словенечкиот Државен збор, Дејан Жидан во Љубљана.
Како што соопшти Кабинетот на шефот на македонската држава, Пендаровски и Жидан истакнаа дека двете земји во континуитет негуваат пријателски односи, без отворени прашања, со долгогодишна конструктивна соработка и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план.
Пендаровски се заблагодарил за брзата ратификација на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО во Државниот збор и изразил очекување дека во наредниот период ќе биде завршена ратификацијата во сите држави членки на Алијансата, а со тоа земјава, многу скоро, до крајот на оваа година, да стане полноправна членка на НАТО.
Македонскиот претседател потенцирал дека во периодот што следи ќе продолжи соработката меѓу двете држави на планот на евроатлантските интеграции во рамки на Процесот „Брдо Бриони“, Процесот за соработка во Југоисточна Европа и другите регионални иницијативи.
На средбата, како што се наведува во соопштението, била посочена потребата за продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји, за што било констатирано дека постои голем потенцијал.