Со минимум уплата во работниот век до подобар пензионерски стандард

Илјада денари месечно додека работите ќе ви го подобрат животниот стандард кога ќе одите во пензија за околу 5.000 денари. Вакви се пресметките доколку некој вработен вложува во третиот доброволен пензиски столб во период од 30 години, а акумулираните средства би ги земал месечно во рок од 15 години.

Свесноста за придобивките и можноста овие средства да бидат дополнителен приход кога ќе се отиде во пензија или, пак, во последната декада од работоспособниот период е многу ниска и нешто повеќе од пет проценти од лицата евидентирани во задолжителниот пензиски столб.

– Пензиската реформа почна од 1 јануари 2006 година со воведувањето на задолжителниот втор пензиски столб. Третиот столб како дополнително пензиско штедење почнува од 2010 година и еве десетта година постои и бележи раст. Она што сега можеме да го кажеме дека во системот има околу 27 милиони евра како заштедени средства на двата фонда, кои бројат вкупно 24.526 членови, вели за МИА Предраг Милошевски, член на Управниот одбор и втор генерален директор на КБ Прво пензиско друштво.

Сепак, истакнува дека свеста за постоење на пензискиот фонд сè уште е мала ако се гледаат бројот на вработени, бројот на население.

– Тие 23-24.000 членови се пет проценти од вкупниот систем на задолжително пензиско осигурување каде што има 450.000 членови, што значи некаде приближно нешто повеќе од пет проценти членуваат во доброволниот фонд, потенцира Милошевски.

Тој оценува дека има раст од година во година и во број на членови, но и во средства што растат со над два милиони евра годишно, но потенцира дека ако се погледне целиот финансиски систем и банките и осигурителните компании, доброволниот пензиски фонд е на последно ниво.

Податоците покажуваат дека во банките граѓаните чуваат околу четири милијарди евра, што значи средствата во доброволниот пензиски столб се нешто повеќе од половина процент во однос на депозитите во банките.

Граѓаните велат не се информирани доволно за она што го нуди третиот пензиски столб, не се сигурни дали ќе може да уплаќаат редовно и оти најголем проблем е што сметаат дека немаат доволно за да можат да одвојат и за да може да уплаќаат во третиот пензиски столб.

Милошевски појаснува дека нема обврска дека оној што сака да уплаќа во третиот столб тоа мора да го прави секој месец и да има точно утврдена сума што ќе ја уплаќа. Сè е доброволно, потенцира тој.

Пензиското штедење е единствено и типично за пензија и има разлика во поглед на осигурителниот сектор и нормално со банкарското штедење.

– Пензиското штедење е единствено за пензија. Тоа е флексибилно. Не мораш да склучиш договор однапред со одредени уплати и да се обврзеш дека во наредните пет, 10, 15 години ќе го уплаќаш тој износ и дека во случај да не уплаќаш редовно ќе имаш некакви пенали. Уплаќаш доброволно колку што сакаш, кога сакаш, појаснува Милошевски, кој додава дека уплатата може да ја врши индивидуално тој што избрал да уплаќа или, пак, фирмата каде што работи да го прави тоа за него.

Во земјава според податоците доброволно уплаќаат 9.733 лица, додека фирмата им уплаќа на 14.793 лица.

– Според закон работодавач и здружение на граѓани може да организираат пензиска шема и да уплаќаат за своите вработени, односно членови. Нормално секој вработен мора да даде изјава за согласност да биде член на таа пензиска шема. Кога уплаќа фирмата, парите се веќе на членовите. Фирмата не може да ги врати назад или како било да ги потроши. Тие се пари на членот, дали после ќе продолжи да работи фирмата или не тие се негови, вели Милошевски и додава дека во пензиската шема нема ограничување може да биде минимум еден вработен, максимум сите вработени.

– Во КБ Прво пензиско друштво уплатите се претежно од фирми. Имаме близу 3.000 пензиски шеми, 3.000 фирми што плаќаат за околу 9.000 вработени, истакнува Милошевски.

Фирмата, додава, може да уплати за еден вработен во јануари, за другиот во март, за трет наеднаш во декември. Може месечно да уплаќа, може годишно кога некоја награда ќе му се исплати, така што, како што вели, тука нема правило.

Она што законски е утврдено, како што посочува Милошевски, е доколку фирмата уплати две бруто-плати или околу 72 илјади денари, на годишно ниво е ослободена од сите придонеси и данок на личен доход и се смета како признат трошок на фирмата. За износот на уплатите што ги надминуваат овие 72.000 денари, фирмата е должна да плати данок на личен доход и овој износ не е признат трошок во даночниот биланс, додава Милошевски, сепак има фирми што уплаќаат и над овој износ.

Кај оние што индивидуално си уплаќаат, Милошевски наведува дека исто така нема правило кога колку да уплати.

– Уплаќа согласно можностите. Некој еднократно, годишно, некој месечно…, вели тој.

Најважното прашање е кој може да одвои за да уплати во доброволниот фонд и кој е месечниот приход, Милошевски истакнува, приходи минус трошоци.

– Позитивното во доброволниот фонд е тоа што може да се уплаќаат и износи од 50, 100, 200 денари. Така што не би го врзал ниту со плата ниту со професии. Едноставно зависи од свеста на секој поединечно. Некој може и со 20.000 денари плата да реши да си одвојува по 200 денари, а секој со 60.000 денари плата да ја троши во целост. Единствено од свеста зависи дали некој ќе стане член, а од висината на приходите зависи износот што би се уплаќал, вели Милошевски.

Според него, идејата е луѓето во периодот кога се најпродуктивни да одвојуваат и да штедат за во периодот од 10 години пред пензионирање да имаат одреден износ што би го земале, доколку на пример некој остане во тој период без работа.

За Милошевски, вложувањето во доброволниот фонд има заштитна компонента.

Акумулираните пари во фондот може да се користат по достигнување возраст од 52 години за жени и 54 години за мажи, десет години пред пензионирање, до тој период не може да се повлечат и доколку некому му требаат тие средства.

– Нормално човечки е нели да сакаш да потрошиш сега пари и често луѓето ќе тргнат да штедат, меѓутоа при прва потреба знаат тие средства да ги потрошат, и не често за работи што не се баш најнеопходни. Тука нема таква можност, тие пари што се заштедени се чуваат и фактички законот едноставно ги штити од самите себе да не ги потрошат, посочува Милошевски.

Средствата што се уплаќаат во третиот столб, појаснува тој, намалени за надоместоците што се наплатуваат, се инвестираат и придобивките ги добива членот.

– Се работи за пасивна политика, да не кажам конзервативна политика каде што се гледа максимум да се избегне ризикот, а да се добие максимум приход. Така што со некое балансирано штедење во инструменти со фиксен принос, обврзници, депозити што гарантираат дека добар дел од средствата ќе добијат принос и 30 проценти се инвестираат во домашни странски акции, односно индекси каде што се обезбедува поголемот принос, истакнува директорот на КБ Прво пензиско друштво и додава дека приносот просечно во последните седум години е номинален принос од 5,96 проценти.

Исплатата на средствата може да биде еднократна или повеќекратна, месечно преку програмирани повлекувања или ануиети, како и комбинација на сите опции, што пак зависи од сумата.

Она што е важно да се истакне е дека овие средства се наследни и во случај на смрт на членот или пензионираниот член, средствата стануваат дел од оставинската маса и со нив се постапува согласно Законот за наследување.

Доколку Друштвото пропадне, средствата остануваат на сметките на членовите кај банка чувар не пропаѓаат, односно Агенцијата за супервизија МАПАС во најкусен можен рок треба да спроведе постапка за изнаоѓање соодветно друго друштво што ќе управува со Доброволниот фонд.