Изложба на академскиот сликар Милко Нестороски

Во галеријата „Вангел Коџоман“ во Струга вечер ќе биде отоврена прва самостојна изложба на академскиот сликар Милко Нестороски насловена „Бркајќи меурчиња“.

Преку слика авторот ја бара улогата на уметноста во човечката цивилизација, од каде произлегува потребата од уметност и која е нејзината основна намена или зошто уметност.

– На почетокот од моето творештво како потенцијален уметник, сакам да се позанимавам со некои вакви прашања чии одговори ги сметам за клучни и како непишани правилa, кои треба да се земат предвид при создавање на секое едно уметничко дело, вели Нестороски.

Одговорите на тие прашања смета дека секој потенцијален автор треба да ги побара во себе, размислувајќи за своите потреби, желби, чувства, мисли и слично и нивната поврзаност со неговиот творечки нагон.

– Да се праша кои се најискрените лични причини поради кои тој сака да создава уметност и каква би била таа. Јас лично во потрагата по овие одговори одлучив да тргнам назад во моето детство, за во тогашниот мој светоглед ги пронајдам корените на сегашните мои творечки тенденции. Така стигнав до делa со кои истовремено како тема се опфатени прашањето за природата на уметноста и творечкиот нагон, но и карактеристиките на тоа што јас, таков каков што сум, имам да го понудам при моето изразување преку ликовната уметност, посочува Нестороски.

Милко Нестороски е роден во 1994 година, дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во 2018. Учествувал на повеќе групни изложби и колонии.