На денешниот Светски ден на вештините на младите, Министерството за труд и социјална политика ги потврдува заложбите за подобрување на условите за професионален развој на младите и намалување на младинската невработеност во државата.
Овозможување поволни услови за надоградба, развој и вработување на младите е еден од приоритети во новиот Оперативен план за вработување, за кој оваа година се издвоени рекордни 1,1 милијарда денари.
– Ова е највисок износ досега, три пати повисок во споредба со 2014 година. Посебен акцент е ставен токму на младите невработени лица до 29 години, како и на корисниците на гарантирана минимална помош. Во рамки на програмата за самовработување, нудиме од пет до 10 илјади евра неповратна финансиска помош за отворање сопствен бизнис, а младите се една од приоритетните групи. За отворање нови работни места, се предвидени 558 милиони денари, што значи опфат од 1.782 невработени лица, стои во соопштението од МТСП.
Предвидени се 43 милиони денари за обуки за ИТ и дигитални вештини, со што ќе бидат опфатени 1.323 невработени лица. Ова е, се посочува во денешното соопштението, неколкукратно зголемување во однос на лани, кога беа издвоени 9.3 милиони денари.
Новвина во оперативниот план за 2019 година е и поддршката за обуки во самите фирми. Целта на овие обуки е младите невработени лица да развијат компетенции и вештини и да се вработат на специфични работни места во компаниите во кои ќе ги посетуваат обуките.
Со оглед на големиот интерес минатата година за мерката практиканство, во ОП 2019 се издвоени речиси 44 милиони денари.
– Преку оваа мерка 1.625 невработени млади ќе можат да се стекнат со практични вештини за да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и полесно да најдат работа, се вели во соопштението.
Министерството потсетува дека неодамна Собранието го изгласа и законот за практиканство кој ќе помогне во премостување на периодот од образование кон вработување. Младите ќе имаа можност да се стекнат со практична работа во компаниите во траење од шест месеци и за тоа да бидат платени, а работодавачите да препознаат квалитети кадри коишто трајно ќе ги вработат.
Минатата година во младинска гаранција се вклучија 8.850 лица. Од нив 4.651 се жени, а 1.982 се вработиле. Гаранцијата за млади продолжува и во 2019 година, информира Министерството, со посебен акцент на трите региони: Североисточен, Југозападен и Полошки регион, како најранливи региони од аспект на опфатот на НЕЕТ млади 15-29 години. Планираниот опфат на учесници во Гаранција за млади е околу 9.500 млади лица.
– Состојбата со вработеноста на младите е подобрена во 2018 година, што може да се потврди со статистички податоци спред кои стапката на невработеност на младите лица од 15 до 24 години во третиот квартал од 2018 година изнесува 45,8 проценти, а на вработеностa 17,7 проценти, се подвлекува во соопштението.
МТСП најавува дека продолжува вложувањето во развивање на вештините на младите и во создавање поволни услови за нивен успех и професионален напредок.