Република Северна Македонија го препозна моментот кога Европската унија посветува големо влијание на регионот и презеде конкретни чекори. Сега е ред на Европската Унија и земјите членки да го препознаат моментот и да го исполнат својот дел од обврската. Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски на Самитот на шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.
-Со Преспанската спогодба со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија затворивме тешки прашања од минатото. Денес, Северна Македонија е единствената земја во регионот на Западен Балкан која веќе нема отворени прашања со соседите и која постојано ги подобрува односите. На прагот сме на полноправно членство во НАТО. Добивме беспрекорна, чиста препорака од Европската комисија за почеток на преговорите за членство во Унијата. Северна Македонија ги исполни своите обврски. Сега е ред на Европската Унија и земјите членки да го препознаат моментот и да го исполнат својот дел од обврската, рече Пендаровски во обраќањето на Самитот.
Во контекст на залагањата на дел од европските лидери за одложување на проширувањето се додека трае институционалната реформа во Унијата, претседателот Пендаровски потсети дека од самите свои почетоци, Европската Унија се трансформирала и се проширувала истовремено.
–Овие два процесa не се исклучуваат, туку се надополнуваат и ја прават Унијата приспособлива на промените. Ако Унијата не се прошируваше додека се менуваше, немаше да биде тоа што е денес – највлијателниот мировен проект што го обединува европскиот континент. Ваквиот паралелен пристап е условен и од објективните околности. Нашиот глобализиран свет не ни дава време да изнаоѓаме решенија без притоа да носиме одлуки. Единствен начин како да се научи како да се совладаат предизвиците е преку искуство, рече претседателот Пендаровски.
Тој додаде дека почетокот на преговорите не значи моментално членство на Северна Македонија во ЕУ, туку почеток на долг процес што можеби ќе трае и цела деценија.
„Сега не е време за изговори и за повлекување од дадените ветувања, туку за храбри одлуки што ќе отворат нова перспектива за нашиот регион, рече претседателот Пендаровски.
На Европската Унија, нејзините земји членки и кандидатите за членство, но и на европската идеја воопшто, според претседателот Пендаровски, им е потребно храбро и визионерско раководство, подготвено да одговори на сите предизвици.
– Потребно е европското лидерство да го препознае вистинското време и да ги донесе вистинските одлуки, рече Пендаровски, истакнувајќи дека целосната интеграција на сите земји од нашиот регион во унијата позитивно ќе влијае на севкупната стабилност на европскиот континент.
Посочи дека сме охрабрени од пораките на поддршка и од ветувањето дека одлуката за почеток на пристапните преговори ќе биде донесена оваа есен, во октомври. -Само така, додаде, ќе се потврди принципот на напредување врз основа на заслуги, но и ќе се испрати силна поддршка во земјата, во регионот, но и пошироко дека инвестирањето во решавање на тешките прашања се исплати и обезбедува напредок на земјата, рече претседателот Пендаровски.
–„Европската Унија има одговорност кон нашиот регион и кон нашите држави. Тоа не значи дека ние треба да чекаме Унијата да ја заврши нашата домашна работа и да ги спроведе реформите наместо нас. Но, Унијата секако има одговорност да ни даде можност да ги започнеме преговорите низ кои ќе се менуваме и реформираме сè додека не ги достигнеме неопходните европски критериуми и стандарди. Искуството покажува дека не постои поголема мотивирачка сила за реформи од преговорите за членство, рече претседателот Пендаровски.
Во обраќањето, како што стои во соопштението од Кабинетот на претседателот, се осврна и на, како што рече, горливото прашање со иселувањето на млади и едуцирани кадри од земјите од регионот.
–Единствен начин како да ги задржиме младите во нашите земји е ако добијат нови можности и перспективи за да го реализираат својот потенцијал и стекнатото знаење во нашите држави, во нашиот регион. Да им овозможиме да растат во регион на солидарност и блискост, свесни за богатството кое го создаваат различностите, за меѓузависноста, убедени во вредноста на обединет регион во обединета Европа, во почитување на човековите права и слободи и демократските, европски вредности. Тоа можеме да го постигнеме само со Европската Унија, рече претседателот Пендаровски во обраќањето на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што се одржува во Сараево.