Преку 200 земјоделци од прилепските села Канатларци и Ерековци поднесоа барања за големите штети што ги претрпеа од невремето минатиот понеделник кога силниот дожд, ветер и градот уништија површини, главно со бостан, тутун, градинарски култури и жито.
Имено, денеска истече рокот за пријавување и дел од барањата, Комисијата за елементарни непогоди ги процесуира.
Според Жарко Северкоски, претстедател на Општинската комисија за елементарни непогоди, иако се помалку барања од ланското невреме во Мало и Големо Коњари, сепак се опфатени голем број површини во индивидуална сопственост.
– Процентуално, од 80 до 100 проценти најмногу е оштетен бостанот, потоа тутунот со 70 до 80 отсто, а кај житните култури шттите се од 60 до 70 проценти, наведе Сверкоски.
Комисијата треба да го направи извештајот за причинетите штети и опфатените површини.
Прилепскиот совет, елаборатот ќе го достави до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и второстепената владина Комисија каде ќе се сумираат резултатите.
Од над 2.000 хектари со земјоделски култури во селата Канатларци и Ерековци, поголемиот се уништени од невремето. Честите невремиња последниве години го актуелизираат апелот да се осигурува родот.
– Дел земјоделци кои пријавија штети, го имаат осигурано родот. Таму посебно и независно комисиите на осигурителните компании ќе излезат на теренот да ги евидентираат штетите и ќе им биде исплатено обештетувањето. Ова е посебно, но сепак останува апелот земјоделците да го осигуруваат родот, особено што последните години со невреме често се погодени земјоделските култури, вели Северкоски.
Инаку, од ланското невреме кое ги зафати селата Мало и Големо Коњари кога беа поднесени 1.450 барања, Општината за обештретување одвои 100.000 евра, но сѐ уште нема ништо од државата.
– Барањата се процесуираат во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Според информациите што ги имам, елаборатот за ланското невреме поминал на владина седница и во тек е докомплетирањето на барањата, рече Северкоски.