Дарко Костадиновски и Осман Кадриу избрани за уставни судии

Собранието на Република Македонија денеска ги избра Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за нови уставни судии.

Костадиновски и Кадриу доаѓаат на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава. Тие беа избрани за судии на Уставен на предлог на претседателот Бранко Црвенковски во 2008 година.

Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од областа на меѓународното право. Костадиновски како предлог за уставен судија, доаѓа од местото државен советник за надворешна политика во кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Член е на кабинетот на Претседателот од 2001-та година во тогашниот кабинет на претседателот Борис Трајковски. Од 2006 година продолжува неговиот ангажман, раководејќи со одделението за Европската Унија и НАТО во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Тој во 1998 година работел на проект на УСАИД за подготовка на закони во Собранието на Република Македонија и бил набљудувач во рамки на проектот на Советот за радиодифузија за мониторинг и анализа на електронските медиуми. Во 2015 година, Костадиновски е назначен на функцијата пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

Осман Кадриу е правник и како предлог за уставен судија доаѓа од академската заедница, како професор на Факултетот за правни науки на ФОН, експерт во областа на облигационото право. Тој има повеќедецениски стаж во областа на правните науки како судија во Општинскиот суд во Кичево, член на Републичкиот судски совет и адвокат. Повеќе од десет години, д-р Кадриу бил ангажиран како професор на Правниот факултет на државниот универзитет во Тетово во граѓанско-правната област. Постдипломските студии во областа на граѓанско-правната област ги завршил на правниот факултет во Белград, а има докторирано на истиот факултет на тема „Незаконитиот престанок на работен однос и одговорност на претпријатието за штета”. Д-р Кадриу има објавено 4 книги од граѓанско-правната област, трудово-правните односи и политичкиот систем. Автор е на повеќе од 50 библиографски единици-научни теми и статии објавени во познатите стручни списанија во Македонија и странство.