Битолскиот универзитет ќе додели бесплатни уписнини за 110 студенти

Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола во пресрет на јавниот конкурс за упис на студенти во прва година, промовира нова уписна кампања со која се овозможува бесплатен упис на 110 бруцоши во прва година.

Од УКЛО-Битола информираат дека во рамки на одбележување на јубилејот 40 години од основањето на Универзитетот кој е во тек, промовира повеќе новини за студентите, а според нив најпопуларно за идните студенти е ослободувањето од плаќање партиципација за вкупно 110 новозапишани бруцоши или по 10 најдобри студенти на секоја универзитетска единица.

-УКЛО донесе одлука за ослободување од плаќање партиципација за првиот семестар од првата година на студии за десет најдоброрангирани кандидати, со највисок број на поени во квотата на редовни студенти, од сите студиски програми заедно, по објавувањето на конечната ранг-листа од првиот уписен рок, на секоја единица на Универзитетот. Стратешка цел на Универзитетот „Св. Климент Охридски”-Битола е да поддржува политики за мотивирање на најдобрите студенти. Затоа за своите потенцијални студенти УКЛО обезбеди по 10 школарини на секоја единица од Универзитетот како конкретна поддршка за студентите во услови кога општеството има потреба од стручњаци кои, освен лична афирмација, ќе придонесат во развојот и просперитетот на државата, посочуваат од УКЛО-Битола.

УКЛО во новата академска година ќе реализира и други активности преку посебни фондови  за обезбедување поддршка и поттик на студентите и процесите за стекнување вештини и квалитет.