Никола Димитров на состанок на Советот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Организацијата за црноморска економска соработка

На покана на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, во улога на земја претседавач со Организацијата за црноморска  економска  соработка, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров,  денеска во Софија учествуваше на 40-тиот Состанок на Советот на министрите на Организацијата за црноморска  економска  соработка.

На денешниот 40-ти состанок на Советот на министрите на Организацијата за црноморска  економска соработка,  Република Северна Македонија доби покана да стане рамноправна членка на оваа организација.

По тој повод, министерот Димитров имаше обраќање во кое ги изнесе придобивките и можностите кои ги нуди членството во оваа Организација, преку продлабочување на заемното почитување, доверба и соработка, во духот на пријателство и добрососедство:

МНР Димитров: „Ова е пресвртница за нашата регионална соработка, давајќи ни можност стратешки да ги продлабочиме и зајакнеме нашите заеднички визии, промовирајќи ги предностите што ги нуди овој регион.

Земјите членки на BSEC се и наш економски партнер, не само поради нашата географската положба, туку и поради нашата културолошка и историска поврзаност.

Проширувањето на Организацијата за црноморска економска соработка со Република Северна Македонија, само по себе, претставува одличен пример за регионална соработка и солидарност, поттикнувајќи ги нашите заеднички аспирации за раст и одржлив развој.

Во овој контекст, членството во Организацијата отвора нови хоризонти за економска соработка во регионалната средина. Тоа дополнително ќе го збогати духот на пријателство и добрососедство и посебно за зајакнување на меѓусебното почитување, доверба и размена во регионот на БСЕК.

Не треба да ја пропуштиме можноста за подобар квалитет на процесите кои нè зближуваат, наместо да не раздвојуваат.  Градење мостови на пријателство се од суштинско значење за градење на инфраструктура и поттикнување на раст.”

На маргините на Состанокот, министерот Никола Димитров оствари средба со ЗПВРБ и МНР на Република Бугарија, Екатерина Захариева. МНР Димитров изрази благодарност за поддршката и ангажманот на бугарското претседателство со БСЕК што резултираше со покана за членство на Северна Македонија во оваа значајна организација, што ќе се официјализира штом нашето Собрание ќе ја ратификува Повелбата. Се разговараше и за претстојната исклучително важна соработка во рамките на Берлинскиот процес. Во однос на билатералните односи, се потврдија заложбите од двете страни за имплементација на Договорот за пријателство.

Црноморската економска соработка (БСЕК) се појави како ветувачки модел на мултилатералната политичка и економска иницијатива со потпишувањето на Декларацијата од самитот во Истанбул и изјавата на Босфор од страна на Шефовите на држави и влади на земјите од регионот, на 25 јуни 1992 година. Со влегувањето во сила на својата Повелба на 1 мај 1999 година, БСЕК се стекна со меѓународен правен идентитет и се трансформираше во полноправна регионална организација- Организација за црноморска економска соработка.

Во БСЕК членуваат 12земји (Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција,  Молдавија, Романија, Русија, Србија, Турција, Украина). Северна Македонија ќе стане полноправна членка по ратификација на Повелбата на БСЕК.