Одложувањето на пристапните преговори за Северна Македонија беше, не под изговор дека Северна Македонија не ги спроведе реформите, туку главно од процедурални причини, вели премиерот на Грција Алексис Ципрас во интервју за третиот канал на грчката државна телевизија, ЕРТ3, во врска со заклучоците на ЕУ за нашата земја и објаснува дека оваа одлука се должи на неможноста германскиот Парламент да даде одобрение, „бидејќи се затвора за летните одмори и не можеше тоа да се случи на завчерашниот самит“, јави дописничката на МИА од Атина.
– Климата, како што сфатив, е едногласна перцепција, позиција и став на шефовите на земјите членки на ЕУ, како што беше изразено од Европскиот совет, дека во текот на 2019 и веројатно во октомври, ќе започне пристапниот процес, бидејќи соседот ги исполнува потребните критериуми и реформи. Знаете, отпочнувањето на пристапниот процес секако не значи членство. Има долг пат, многу реформи и многу поглавја да се отворат, вели Ципрас.
Во интервјуто за ЕРТ3, со седиште во Солун, грчкиот премиер говореше и за Договорот од Преспа, рече дека решавањето на името со северниот сосед го зголеми кредибилитетот на Грција“ и изрази уверување дека „и последниот грчки граѓанин што скептично и загрижено гледаше на Договорот или беше против, сега почнува да сфаќа колку овој договор беше важен за националните интереси на Грција.
Овој негов став, Ципрас го поткрепи со аргументот дека ако не постоеше договорот, воздушниот простор на Северна Македонија ќе го надгледуваа турски Ф16 и немаше да има турски Ф16 само во Егејското Море, туку и на северната граница.
-Би сакал да потенцирам дека сите оние кои беа против нас и дури и нѐ нарекоа предавници, денес, сфаќаат колку е важен, за одбрана на нашите национални интереси, фактот дека постигнавме решение на овој проблем и таму каде што имавме „трн“ на нашата северна граница, сега имаме земја пријател, а нашите вооружени сили се таму за да ја поддржат, рече Ципрас и додаде дека се чувствува целосно оправдан за постигнатиот договор.
Паралелно, грчкиот премиер говореше и за „големата хипокризија на политичките сили“ во Грција, кои беа против Договорот од Преспа.
-Гледаме дека оние кои ни помалку ни повеќе, тогаш речиси и нѐ нарекоа предавници, ни помалку ни повеќе, говореа за предавнички договор, сега, господинот Мицотакис, што му вели на грчкиот народ? Дека ако биде избран, она што ќе го направи е едноставно да го надгледува верното почитување на овој, меѓу другото, предавнички договор. Ако е предавнички договор, тогаш зошто да го надгледува верното почитување? Гледаме голема хипокризија што не би требало со толку голема неодговорност да ја покажуваат оние кои сакаат да дојдат на одговорни позиции, оние кои се стремат да ја земат судбината на земјата во нивни раце, вели Ципрас во интервјуто за ЕРТ3, пренесе МИА.
Истите аргументи и истите критики до лидерот на Нова демократија, грчкиот премиер ги спомена и за време на неговиот синоќешен предизборен митинг во Флорина (Лерин). Рече дека Мицотакис преку ноќ ја заборави националната линија и позицијата на неговата партија само за да улови глас повеќе, а се осврна и на позитивните аспекти на Договорот од Преспа.
-Сакаме една Грција што ќе биде светилник на пријателството, мирот, соработката и единството на народите на Балканот. И сакам одовде од Флорина, да се осврнам на договорот што беше толку навредуван, да се осврнам на историскиот договор што се роди овде во вашиот дел, во историската Преспа. Договор кој ја враќа нашата историја, историјата на античката грчка Македонија и става крај на иредентизмот и национализмот. Договор кој ги зближува двата народа, кои ништо не ги дели. Два народа кои треба да живеат мирно и братски на нивниот заеднички пат кон напредок, просперитет и мир. Овој историски чекор, пријателки и пријатели, ги оправдува илјадниците наши сонародници од вашата област, на кои со децении апсурдноста на национализмот буквално им го уништи животот, рече грчкиот премиер осврнувајќи се на договорот меѓу двете земји.