Заев в недела ќе го достави предлогот за реконструкција до Собранието

Премиерот Зоран Заев попладнево изјави дека во недела попладне до Собранието ќе го достави предлогот за реконструкција на Владата. Тогаш, како што рече, ќе ги соопшти деталите околу имињата и ресорите.

– Нашата земја денеска, утре и во недела претпладне е домаќин на Конституенцата на повеќе од 15 министри за финансии, гувернери, тројца потпретседатели на Светската банка и двајца потпретседатели на Меѓународниот монетарен фонд. Сакаме да се покажеме во најдобро светло и тоа е главната причина. Одлуките се донесени и во недела попладне ќе ги доставам до Собранието материјалите за сите промени што ќе се случат во Владата, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација во Бирото за метрологија.

Паралелно со ова, како што истакна, се работи и на вториот бран со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.

Во однос на промените што се прават внатре во Социјалдемократскиот сојуз, Заев информира дека останува да се именуваат потпретседателите на партијата и уште 20-тина претседатели на општинските организации на партијата.