Македонска делегација првпат на интерпарламентарно собрание на православието во Тбилиси

На покана од раководството на Светското интерпарламентарно собрание на православието, од вчера до 23 -ти јуни во Тбилиси, Грузија, прв пат на годишното Генерално собрание ќе присуствува македонска делегација.

Како што соопштија денеска од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи покрај директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски присутни се и пратеничките Ирена Стефовска од СДСМ и Ане Лешковска од ВМРО – ДПМНЕ.

Светското интерпарламентарно собрание на православието е светска организација основана 1993 година на основачко собрание во Атина. Организацијата се залага за негување на православните вредности, дијалог и соработка меѓу граѓаните, истакнување на придобивките од парламентаризмот во мултиконфесионални општества и важноста од надминување на споровите меѓу православните верници по пат на постојана посветена соработка.

– Во СИСП членуваат над 20 држави членки, меѓу кои не е нашата држава, а се сите наши соседи. Државите членки се претставени од избрани пратеници во националните парламенти, стои во соопштението.

Изминатиот период, се посочува во соопштението, Комисијата за односи со верските заедници активно соработуваше со СИСП, по што следуваше поканата да формираме за прв пат наша делегација. Ова е одлична можност за истакнување на нашите државни заложби и продлабочување на соработката со сите држави членки.