Министерот Фазлиу и 11 градоначалници на Заеднички консултативен комитет со Комитетот на региони на ЕУ во Брисел

Ќе го задржиме фокусот на интегрирање во Европската Унија, очекувам нашата соработка во иднина да се одвива на уште поцврсти основи, со уште повисоки цели и резултати, порача министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу кој заедно со градоначалници на 11 општини учествуваше на состанокот на Заедничкиот консултативен комитет на Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија што денеска се одржа во Брисел на кој главна тема беше улогата на локалните власти во процесот на интегрирање на земјата во ЕУ.

– Владата и прогресивните граѓани на Република Северна Македонија направија максимални напори за враќање на земјата на евроатлантскиот пат. Извештајот на Европската комисија го потврди напредокот на земјата во речиси сите области и на нашата земја и е потребен нов, посилен импулс, а тоа е отпочнувањето на преговорите со Унијата. Тоа ќе биде мотив повеќе, но и голема одговорност и за централната и за локалните власти. Ќе го задржиме фокусот на интегрирањето во Европската Унија, очекувам нашата соработка во иднина да се одвива на уште поцврсти основи, со уште повисоки цели и резултати, рече министерот Фазлиу.

Тој зборуваше за приоритетите на Владата во областа на локалната самоуправа и регионалниот развој, со акцент на рамномерниот развој на државата преку поттикнување на развојните потенцијали на општините и на планските региони и поголем пристап до претпристапните фондови на Унијата.

– Владата ја признава улогата на локалните власти и ги поддржува сите напори на општините и на Градот Скопје, како и на Заедницата на единиците на локалната самоуправа за поголемо присуство и учество во процесите за побрз развој на земјата и на регионот, што ќе значи и побрзо интегрирање во Европската Унија, рече министерот Фазлиу.

Актуелниот копретседавач со Заедничкиот консултативен комитет од страна на Европската Унија, градоначалничката на Трбовље, Јасна Габрич истакна дека дебатата на Советот на министри е пресвртница на патот на Северна Македонија кон Европската Унија.

-Комитетот на региони е одлична алатка за исполнување на заедничките цели, за подеднакво разбирање на условите и продолжување на напредокот на земјата во процесот на интегрирање во Европската Унија. ЕУ во Извештајот и изрази признание на Северна Македонија за превенцијата и спречувањето на корупцијата со донесувањето на двата закона од оваа сфера, рече Габриќ, истакнувајќи дека доброто владеење на локално ниво е исклучително важен услов во исполнувањето на условите за членство во Унијата.

Копретседавачот од Република Северна Македонија, градоначалникот на Штип Благој Бочварски рече дека земјава направи голем напредок и од заробена држава сега се разговара за отпочнување на преговорите со Европската Унија.

-За подобри и поефикасни услуги за граѓаните на локално ниво потребно е продолжување на реформата на јавната администрација, заокружување на трансферот на надлежности, поголема транспарентност, како и ефективна фискална децентрализација која е во тек. Процесот го гарантира воспоставениот силен дијалог со централната власт, посочи Бочварски.

Претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов како нова вредност го истакна силното лобирање на ЗЕЛС пред централната власт, особено за зајакнување на финансиската самостојност на општините.

-ЗЕЛС се залага за зголемување на приходите за општините од данокот на додадена вредност од 4,5 на 10 отсто, на средствата од персоналниот данок од скромните три на 50 отсто, за обезбедување на доволно средства од дотациите од централниот буџет, рече Шилегов.

Амбасадорката при постојаната мисија во ЕУ, Агнеса Руси Поповска зборуваше за напредокот на земјата и направените реформи и очекувањата од Европската Унија.

-Малку ќе бидеме разочарани, но не и оттргнати од процесот на интегрирање во ЕУ. Се надевам дека Унијата ќе ги исполни очекувањата на земјите од Западен Балкан и во сопствен интерес ќе ги отвори преговорите со Северна Македонија, истакна Руси.

Претставничката од Директоратот за добрососедство и проширување Тереза Моран рече дека нивната оценка е дека Република Северна Македонија има остварено резултати не само во областите во кои се оценува, туку и повеќе од тоа и препораката е дека е време преговорите да отпочнат.

-Владата јасно ја има искажано својата заложба, направените реформи имаат позитивно влијание и на економијата која се подобрува, невработеноста се намалува. Борбата против корупцијата е одговорност и за централната и за локалните власти. Да останеме мотивирани до есен и да продолжиме со силните реформи, а ние ќе продолжиме со поддршката и финансиска и техничка и експертска, рече Моран.

Утре, нашата делегација ќе учества на пленарната сесија на “Денот на проширувањето“, настан на кој присуствуваат сите земјите членки на Комитетот на региони на Европската Унија.