Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери кој ја предводи собраниската делегација во официјална посета на Народна Република Кина, на средбата со потпретседателот на Националниот комитет на Народната политичка консултативна конференција Џанг Чингл истакна дека минатогодишната посета на Џанг на земјава и оваа возвратна посета го покажуваат заедничкиот интерес за натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката.
Како што соопшти неговиот Кабинет, Џафери истакна дека ваквите посети на високо ниво и добрите политички односи носат со себе и голема придобивка за граѓаните, а тоа е проширување на економската соработка.
-Тој во текот на разговорите, акцентот го стави на искористување на можностите за економска соработка и нагласи дека, покрај учеството на кинеските компании во изградба на двата автопата во Република Северна Македонија и можното учество во изградбата на железничката инфраструктура, кинеските инвеститори би можеле да најдат свој интерес и во слободните економски зони и во инвестирањето во капацитети за обновлива енергија. Како потврда на ваквата определба, претседателот на Собранието Џафери го посочи активното учество на Република Северна Македонија во процесот на соработка 17 + 1 на Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа, се наведува во соопштението.
Потпретседателот Џанг подвлече дека зајакнувањето на парламентарните односи дава значаен придонес на добрите билатерални односи а предлозите за поинтензивна економска соработка ги оцени како полезни за двете држави.
-Тој истакна дека Народна Република Кина во Република Северна Македонија гледа пријател и партнер и изрази подготвеност за продлабочување на економските односи. Тој понатаму информираше за импресивните резултати на кинеската економија во последната декада и напорите кои постојано се вложуваат за надминување на нееднаквиот развој во земјата и искоренување на сиромаштијата. Покрај континуираните напори за постигнување благосостојба во државата, Џанг посочи дека Народна Република Кина се залага и за поголема благосостојба во светот и за таа цел ја развива Иницијативата појасот и патот, инфоирмира Кабинетот на Претседателот на Собранието.