Премиерот Заев на форум на „Фајненшал тајмс“ за земјите од Западен Балкан

Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Обединетото Кралство, каде што на покана од „Фајненшал тајмс“ ќе учествува на форум што угледниот британски весник го организира за земјите од Западен Балкан, насловен „Инвестициски можности во брзорастечкиот регион“.
Како што соопштија од владината прес-служба, Заев ќе се сретне со заменик-премиерот на Обединетото Кралство, Дејвид Лидингтон, на работен појадок организиран за тројцата премиери од Западен Балкан.
Предвидено е премиерот Заев да се обрати на премиерскиот панел заедно со премиерите на Албанија и Србија, Еди Рама и Ана Брнабиќ, на тема „Инвестициски можности и како домашната политика влијае на нив”, а вицепремиерот Анѓушев треба да зборува на сесија заедно со министрите за економија на Косово и Црна Гора, Валдрин Лука и Драгица Секулиќ. По завршување на сесиите се предвидени изјави на премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев, наведуваат од владината прес-служба.