Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана со свој штанд се претстави на 64. Конгрес на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) што се одржува во словачкиот главен град Братислава.
Пред почетокот на конгресот, кој се совпаѓа со 70. годишнината од основањето на ЕУ отворен беше саемот на кој претставниците на малцинствата од Европа претствиле дел од традиционалните производи, како и пропаганден материјал.
-Со свој штанд се претставува и друштвото „Илинден“ што побуди голем интерес кај учесниците. Имаме пропаганден материјал на кој се претставени македонските носии, убавините на областите каде што живеат Македонците, како и примероци од единствениот весник на македонски јазик „Илинден“, изјави за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Според него покрај другото на Конгресот се очекува да биде усвоена Резолуција за правата на Македонците во Албанија, предложена од друштво „Илинден“ кое е единствена организација што ги претставува Македонците на овој собир.
Конгресот што го организира Советот на Фризиското движење, организација, членка на ФУЕН, ќе трае до 16 јуни, а учествуваат 103 организации членки од 35 земји во Европа.
Македонско друштво „Илинден” е рамноправен член на ФУЕН од средината на мај 2015 година.