Во името на Меѓупарламентарната група за пријателство на Франција и Западен Балкан на Сенатот, претседателката на групата Марта де Сидрак и заменик претседателот за Северна Македонија Арно Бужин, ги поздравуваат перспективите за идното членство на Република Северна Македонија во НАТО, по процесот на ратификација од страна на 29-те држави членки на Алијансата, кој треба да бидат завршени до крајот на годината, јавува дописникот на МИА.
– Северна Македонија постигна бројни напредоци, особено во последниве месеци, со склучување на договор со Грција за името на земјата што е најзабележителен. Патот што останува е долг и тежок, а земјата може да се наведе како пример, вели Марта Де Сидрак во соопштението до медиумите.
Француската сенаторка, ова и го рекла и на Радмила Шекеринска, вицепремиер и министер за одбрана на Република Северна Македонија, за време на нивната средба на 5 јуни.
Заменик-претседателот на групата надлежен за Северна Македонија, Арно Бажин, исто така, го пофали значителното подобрување на меѓуетничките односи и напредокот на внатрешната кохезија, потсетувајќи дека тоа е „основата на една земја”.
-Групата за пријателство и понатаму ќе го следи со голем интерес строгиот процес на пристапување во кој Северна Македонија одлучно се ангажира за членство во НАТО и во Европската унија, заклучија двајцата француски сенатори.