Ратификувањето на членството во НАТО оди невообичаено брзо. Ако се спореди со претходните бранови на проширувања на Алијансата ќе се види дека земјите-членки испраќаат многу силна порака која треба да ја искористиме и да ја цениме, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
-Првпат се случува во период покус од четири месеци речиси повеќе од половината од земјите-членки да го имаат ратификувано пристапниот протокол за членство во НАТО. Овој месец беше прилично позитивен во делот на ратификации, зад на се ратификацијата и на Норвешка и на германскиот Бундестаг што е многу важно. Минатата недела се отворија прашањата околу тајмингот на Бундестагот за одлуката за ЕУ, а она што беше добра вест и за жал не помина со толку голем интерес е дека Бундестагот во многу кус временски период го ратификуваше нашето членство за НАТО. Очекуваме утре Чешката Република да ја заврши ратификацијата, а има уште неколку најави без конкретен датум, рече Шекеринска во одговор на прашање по денешната посета на касарната Илинден.
Во Братислава, додаде, уште од еден претставник на американскиот Сенат ја добив потврдата дека процесот е започнат и во текот на следниве седум осум дена ќе почне сослушувањето за нашата земја и очекуваат во раната есен да заврши процесот на ратификација.
-Ако се спореди со претходната ратификација на Црна Гора ќе се види како брзо реагирале дури и институциите кои обично подолго време одлучуваат. Фокусот сега ни е контакт со оние земји-членки кои се уште не го почнале процесот на ратификација, но секаде добиваме позитивни пораки, рече Шекеринска.
Прашана до каде е ратификацијата во турскиот Парламент, Шекеринска рече дека во Турција сега има повторување на локалните избори во некои од општините. – Ни кажаа дека веднаш штом ќе продолжи да функционира нивниот Парламент на вообичаен начин ќе има и термини кои ќе може да ги планираат за ратификација на протоколот, потенцира Шекеринска.