Во Стоби меѓународна работилница за конзервација, во тек се и археолошки истражувања

Во археолошкиот локалитет Стоби со учество на 12 студенти од САД и Канада, неделава се одржува Меѓународната работилница за конзервација на керамика, стакло, мозаик и фрески, што НУ Стоби ја организира во соработка со фондацијата Балканско наследство од Бугарија.

Како што информира за МИА, Спасе Перовски директор на НУ Стоби, работилницата се одвива преку теоретски и практичен дел.

-Теоретскиот опфаќа општи предавања за историјата и археологијата на Стоби за главните форми на садови од керамика, стакло за мозаиците и фрески, а кои се поврзани со постапките и методите на конзервација од нивното откривање па се до практична конзервација и реставрација на керамика, стакло мозаици и фрески, појасни Перовски.

Тој  во јули во Стоби најавува и меѓународна школа за археологија со 20 – тина учесници, а појасни дека и двата проекта и работилницата и школата се самофинансирачки.

Перовски информира дека во Стоби веќе започна реализацијата на проектите од Годишната програма што ја финансира Министреството за култура, од кои само за заштита на културното наследство НУ Стоби за 2019 година  доби 6 милиони и 900 илјади денари, а за музејска дејност 460 илјади денари.

-Сега се работи на археолошки истражувања на Театарот, Храмот на Изида, а од понеделник започнуваат и истражувањата во јужниот брод на Епископската базилика. Во моментот се работи и на конзервација на мозаикот од втората фаза во јужниот брод на Епископската базилика. Во тек е подготовката на проектот за времен покрив над Крстилницата, кој треба да го заштити мозаикот и мермерната пластика чија конзервација заврши минатата година, појасни Перовски.

Тој информира дека конзерваторските работи на Античкиот театар во Стоби ќе започнат во средината на јуни,  а истражувањата на Западната некропола се планирани за есен.

 -Во Стоби се работи на објекти кои се истражуваат или конзервираат подолго време. Континуитетот е од исклучително значење за истражувањата, заштитата и презентацијата на Стоби, потенцира Перовски.

Тој информира дека со стручниот тим во Стоби работат и на осмислување и подобрување на туристичката презентација на локалитетот, на патеките за посетители, нови информативни табли и пристапни точки од каде најдобро може да се разгледаат објектите.

 – Покрај стручните работи на локалитетот, истражувањата и заштитата, особено важен сегмент за мене како менаџер на установата е и неговата презентација, односно оживувањето на локалитетот со разни културни настани кои би привлекле повеќе посетители. Треба да го свртиме вниманието на јавноста за нашето вредно културно наследство, а тоа најдобро ќе го постигнеме доколку ги привлечеме повеќе посетители,потенцира Перовски.

Воедно информира дека и дополнителни 722 илјади денари од Министерството за култура се добиени  за набавка и монтажа на влез со соодветен софтвер за туристичка презентација на археолошкиот локалитет Стоби.

Од  меѓународна дејност, во тек е изработка на проектот Номинација на археолошкиот локалитет Стоби за наградата „Жива” за најдобар локалитет од културното наследство на словенските земји во 2019 година ,а за кој од Министерството за култура добија дополнителни средства.

Во НУ Стоби  се работи првата фаза за изработка на Мастер план за конзервација на Стоби, со меѓународни и домашни експерти финансирана од американската фондација Каплан со вкупна вредност од 100 илјади американски долари, информира директорот Спасе Перовски.