Дебата за Поглавјето 23: Судската реформа да се комплетира според препораките од ЕК и ГРЕКО

 Потребата од комплементирање и заокружување на судската реформа согласно предвидените рамки и рокови во стратешките документи и акциските планови, но според укажувањата на Европската комисија, ГРЕКО и другите релевантни институции компетентни за мониторинг и оценка на исполнувањето на европските стандарди од страна на нашата држава во оваа област, е генерална препорака од денешната Петта сесија на Работната група 3 – (Правосудство и основни права – Поглавје 23) од Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) што се одржа во Скопје.

Од круцијално значење, според НКЕУ-МК, е исполнувањето на препораката што се однесува на дисциплинска одговорност во обвинителството и преиспитување на основите за разрешување на јавните обвинители, што е врзано со донесувањето на Законот за јавно обвинителство.

НКЕУ-МК им препорачува на Министерството за правда, но и на сите останати субјекти кои се инволвирани во процесот на постиогнување согласност околу конечните решенија на Предлог-законот за јавно обвинителство да се забрза процесот со одговорно постапување и да имаат предвид дека донесувањето на овој закон има сериозни импликации во многу области важни за евроинтеграцискиот процес на нашата држава.

Според професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје Никола Тупанчески начинот на кој се донесува Законот за јавно обвинителство е еклатантен пример како не треба да се носи закон во државава, односно како треба да се движат реформите.

-Апсолутно е исклучена стручната јавност во донесувањето на овој закон. Сведоци сме дека практично се преговара за реформски процес без вклучување на оние луѓе кои на некој начин биле иницијална каписла во однос на донесувањето на тој закон, вели Тупанчески.

Според него, најдобро ќе биде да има системско решение кога станува збор за доказите.

– Но дефинитивно треба да постои одредба каде еднаш засекогаш ќе бидат отстранети толкувањата дали прислушкуваните разговори може да претставуваат доказ или не во кривичната постапка. Се разбира дека законот е ирелевантен, меѓутоа решението е релевантно без оглед за кој закон се работи, дали и за Законот за јавнообвинителство. Мое мислење е дека подобро е тоа да биде во Законот за кривична постапка, Рече Тупанчевски.

Во контекст посочи дека и денешниов собир може да потврди дека кога станува збор за легислативната рамка ние сме одлични и перфектни но, кога станува збор за имплементација и конкретни резултати тоа изостанува.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која учествуваше на настанот, изрази очекување дека Законот за јавно обвинителство со кој се решава судбината на СЈО ќе биде донесен наскоро.

Таа го коментираше и тоа што еден од преговарачите во тимот на СЈО е Антонио Милошоски, кој е еден од осомничените, посочувајќи дека не може да преговара такво лице и да дава квалификации и за СЈО и за неа како личност.

– Меѓународната заедница дава јасни насоки, а и власта, освен опозицијата, која е лично засегната, истакна Јанева, додавајќи дека не може за законот да преговара лице кое веќе има предмет во предистрага и во истрага и кое дава квалификации за СЈО и за нејзината личност.

– Тука мислам на Антонио Милошоски, кој многу се занесува во своите изјави, рече Јанева.

На денешниот настан покрај експертите од НКЕУ-МК  учествуваше и Павол Зилинчик од Канцеларијата на народниот правобранител и од Судскиот совет на Република Словачка, кој споделувајќи го своето искуство од овој процес, укажа на виталните преговарачки прашања од Поглавјето 23.