Самиот факт дека ова е најпозитивниот извештај што досега го добила нашата држава е едно големо охрабрување да продолжиме по патот по кој сме тргнале. Ваква безусловна препорака нашата држава досега не добила и затоа можеме да очекуваме и добивање на датум наскоро – порача портпаролот на СДСМ и пратеник, Костадин Костадинов, во вчерашното гостување во емисијата „Патот кон“ на Алсат ТВ.
Костадинов истакна дека од големо значење за државата е сите политички чинители без исклучок дали се од власта или опозицијата заедно да работат на унапредување на реформите, порача Костадинов.
Република Северна Македонија стана „светла точка“ во регионот за решавање на крупни спорови “ и токму добивањето на ваков кристално чист извештај и безусловна препорака ни дава за право да бидеме оптимисти дека ја расчистуваме дилемата и кај оние држави кои гледале воздржано кон проширувањето на Европската унија, посочи Костадинов.
Во однос на започнатиот процес на промени, Костадинов истакна дека „внатрепартиските промени се со цел да се лоцираат слабостите таму каде што ги има и да ги разбереме и прифатиме пораките кои ни ги праќаат граѓаните, се со единствена цел подобро да им служиме, така што не се работи за судир во партијата туку заедничка одлука да се унапреди работењето на партијата“.
Пораката граѓаните ја упатија и кон опозицијата и кон власта. Кон власта е дека промени мора да има. Ние како политичка партија промените ги започнавме прво од својот двор, од партијата и истите тие чекори и промени ќе се направат и во извршната власт како на централно така и на локално ниво, потврди Костадинов.
Костадинов истакна дека нашата држава е на добар пат, а потврда за тоа е фактот што од држава со нарушени односи со соседите сега е држава која гради добрососедски односи. Сето тоа, подвлече Костадинов имаше влијание на економскиот раст на државата, кој дополнително ќе се интензивира со продвижувањето на интегративниот процес.