Талески : Посетата на „централата“ на НАТО е финална политичка потврда за нашето извесно членство

„Централата“ на НАТО за два дена, во недела и понеделник ќе се пресели во Скопје. Тоа покажува дека го заземаме нашето заслужено место како идна 30-та земја членка на Алијансата. Во рамки на посетата ќе има заеднички состанок на НАК со Комитетот за интеграција во НАТО, со кој претседава премиерот Зоран Заев. На состанокот ќе се дискутира процесот на нашата интеграција во НАТО, и тоа ќе биде финалната политичка потврда за нашето извесно идно членство.

Ова го најавува на Дане Талески, посебен советник за надворешни работи на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, во интервју за МИА во кое говори за нашето полноправно членство во НАТО и што тоа значи за земјава гледано од повеќе аспекти.

Се очекува процесот на ратификација на Протоколот за полноправно членство да заврши во следните неколку недели, а последната ратификација на Протоколот ќе биде во нашето Собрание, посочува Талески, кој гу презема преземе обврските и задолженијата до полноправното членство во НАТО. Реално е да очекуваме дека целата постапка ќе заврши до крајот на годината, подвлекува, но, и ако не се случи тоа, ако постапката на наше полноправно зачленување се заврши на почетокот од 2020 година, тоа нема да има никакво суштинско значење.

Имаме изработено Програма за континурани реформи за интеграција во НАТО, која има јасно дефинирани активности и мерки кои треба да се реализираат, а во голем дел, вели меѓу другото, тие мерки во однос на политичките критериуми се синхронизирани со нашата ЕУ агенда.

Полноправното членство во НАТО потенцира Талески, е јасен сигнал за целиот свет дека државата е стабилна и безбедна и оти има сигурна иднина. Тоа е, истакнува, темелот за економски развој.

Кои се очекувањата од најавената посета на Ген Сек на НАТО Јенс Столтенберг ?

– На 2 и 3-ти јуни во Скопје доаѓа Северно-Атлантскиот Совет (North Atlantic Council – NAC), предводен од страна на Генералниот Секретар на НАТО Јенс Столтенберг. НАК е тело кое е составено од перманентни преставници, на ранг на амбасадори, од сите постојани земји членки на НАТО. Тое е главното политичко тело што ги носи одлуките во НАТО. НАК разгледува како политички, така и оперативни прашања кои се однесуваат на колективната безбедност на Алијансата, и е централниот форум за консултации меѓу земјите членки за сите прашања кои се важни за одржување на мирот и безбедноста на земјите членки. Кратко кажано, тоа е „централата“ на НАТО.

Значи освен најавената посета на Ген Сек Столтенбер, во Скопје на два дена во посета ќе биде целиот состав на НАК. Тоа значи дека “централата„ на НАТО, условно кажано, на два дена ќе се пресели во Скопје. Тоа е од големо значење за нашиот процес на интеграција во НАТО, и покажува дека го заземаме нашето заслужено место како идна 30та земја членка на НАТО. Во рамки на посетата ќе има заеднички состанок на НАК со Комитетот за интеграција во НАТО, со кој претседава премиерот Зоран Заев. На состанокот ќе се дискутира процесот на нашата интеграција во НАТО, и тоа ќе биде финалната политичка потврда за нашето извесно идно членство. Ген Сек на НАТО Столтенберг и НАК ќе се сретнат и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Ова е втора посета на НАК. Првата била во 2003 година, кога НАК бил во посета предводен од тогашниот Ген Сек Лорд Робертсок. Но, контекстот и пораките се сосема различни. Во 2003 година биле дојдени за да не поддржат во обезбедување на стабилноста и сигурноста, и имплементацијата на Охридскот рамковен договор. Сега во 2019 година доаѓаат за да заедно ставиме политички „печат“ за нашето полноправно членство во НАТО.

Останаа малку земји да го ратификуваат Протоколот за полноправно членство?

– Досега Протоколот за наше членство во НАТО го имаат ратификувано 13 земји членки, а се очекува процесот да заврши во следните неколку недели. Тоа се безмалку половина од вкупно 29 земји членки. Знаеме дека процедурата е започната во сите останати земји членки и оти таа се води согласно нивните домашни правила за ратификација или усвојување на протоколот, на пример некаде тоа го прави владата, некаде Собранието (кое во некои земји е дводомно). Последната ратификација на Протоколот ќе биде во нашето Собрание, бидејќи и ние треба да го ратификуваме Протоколот за членство, и со тоа формално правно ќе се заокружи процесот што нашето Собрание едногласно го зацрта уште во 1993 година.

Реално е да очекуваме дека целата постапка ќе заврши до крајот на годината. Се надеваме дека за самитот на НАТО во декември, на кој се одбележува 70 годишнината од основањето на НАТО, ние ќе учествуваме како 30-та земја членка. Тоа ќе даде дополнителна симболика и вредност на самитот. Но, и ако не се случи тоа, ако постапката на наше полноправно зачленување се заврши на почетокот од 2020, и тоа ќе биде сосема во ред, односно тоа нема да има никакво суштинско значење.

Извесен е приемот на нашата земја како 30-та членка на НАТО. Што значи тоа за Република Северна Македонија?

Прво и основно, тоа е исполнување на една од најважните стратешки цели на на државата. Ќе станеме полноправна членка во најголемата воено-политичка Алијанса што постои, и воедно и најмоќната Алијанса во досегашната историја на светот. Некои од најнапредните и најразвиените земји во светот се членки на Алијансанта која се грижи за колективната безбедноста на повеќе од 900 милиони граѓани од земјите членки. Нашата безбедност и сигурност ќе биде подобрена и гарантирана. Освен што е важен за колективната безбедност на земјите членки, НАТО позитивно придонесува и за одржувањето на мирот и безбедноста во целиот свет. Ние стануваме дел од една таква организација, како полноправна членка со сите права и обврски кои произлегуваат од тоа членство.

Второ, тоа ќе значи многу за унапредување на состојбите во Република Северна Македонија и нашата позиционираност во регионот. НАТО не е само воен сојуз, тоа е политичка алијанса која почива на систем на демократски правила и вредности. Нашето членство ќе помогне во консолидација на демократските процеси и унапредување на домашните реформи, кои се важни и од аспект на интеграцијата во ЕУ. Сите земји од Источна Европа кои станаа дел од ЕУ, најпрво станаа дел од НАТО. Има големо преклопување меѓу земјите членки во НАТО и земјите членки во ЕУ. Кога веќе сте дел од НАТО и сојузник, тогаш се олеснува комуникацијата и соработката во однос на нашата интеграција во ЕУ. Со три од нашите пет соседи сега ќе бидеме сојузници со исти права и обврски, ќе учествуваме на иста основа во сите процеси и мисии во НАТО. Тоа ќе помогне да ги трансформираме одличните односи кои ги развивме, во форми на најтесна сојузничка соработка од која корист ќе има целиот регион, вклучително и ние.

Во јавноста целокупниот процес за членство во НАТО се гледа како обврска на МО и АРМ, меѓутоа тоа е многу поширока координација. Кој се е вклучен за целосно исполнување на потребните критериуми, покрај Армијата која докажа многу одамна дека е подготвена?

МО и АРМ имаат големи и значајни обврски во исполнувањето на критериумите за членство во НАТО, и од тој аспект одлично ги завршуваат своите обврски. Но, во право сте дека се работи за многу поширока координација. Националната структура која работи да ја интегрира државата во НАТО се состои од Комитет за интеграција во НАТО, со кој претседава Премиерот, а ко-претседавачи се заменикот претседател на владата и министер за одбрана, заменик претседателот за ЕУ прашања и министерот за надворешни работи, а покрај нив членови се и министрите за внатрешни работи, правда, финансии, информатичко општество и администрација. Тоа е највисокото политичко ниво на националната структура.

Второ, оперативно и административно ниво, има Работен комитет за НАТО интеграции кое е интер-ресорско работно тело во кое учествуваат претставници од линиските министерства што веќе ги спомнав, но и други органи и институции кои се во нивен состав, а кои се важни за процесот на интеграција во НАТО. Освен тоа, во работниот комитет има вклучено и претставници од Собранието на Република Северна Македонија, бидејќи во процесот на нашата интеграција ние треба да ги инкорпорираме правилата и процедурите кои важат во НАТО во нашето законодавство.

Има широка вклученост на различни институции кои треба да ги исполнат критериумите за членство кои не се само во однос на армијата и одбраната, туку се и во однос на политичките стандарди за демократско функционирање, како што е владеењето на правото, професионализација на администрацијата, борба против организиран криминал и корупција. Имаме изработено Програма за континурани реформи за интеграција во НАТО, која има јасно дефинирани активности и мерки кои треба да се реализираат, а во голем дел тие мерки во однос на политичките критериуми се синхронизирани со нашата ЕУ агенда. Исполнувањето на предвидените активности оди со одлична динамика, што може да се види во полугодишниот план за реализација на програмата што пред две нели го усвои владата, а истиот беше преведен на англиски јазик и дистрибуриран до земјите членки на НАТО.

Што значи членството од аспект на безбедноста, но и на економски план за повеќе странски инвестиции?

Членството во НАТО значи апсолутна гаранција за стабилноста и безбедноста на државата. Членството во НАТО значи зајакнување на нашите ресурси и капацитети за гарантирање на безбедноста и одржување на стабилноста преку споделена соработка со нашите сојузници. Од политички аспект тоа е порака дека државата е сојузник со најмоќните и најразвиените земји од светот.

Тоа е јасен сигнал за целиот свет дека државата е стабилна и безбедна, и дека има сигурна иднина. Тоа е темелот за економски развој. Тоа ги охрабрува странските, но и домашните инвестиции. Гаранцијата за сигурност, стабилност и безбедност носи и конкретни економски ефекти. На пример, намалување на безбедносниот ризик помага да се зголеми кредитниот рејтинг на една земја, а тоа го прави полесен пристапот до пазарот на капитал. Со други зборови, искуство од Црна Гора, Хрватска и Албанија, односно земји членки кои последни се зачлениле во НАТО, е дека со членството во НАТО доаѓа до зголемување на странските и домашните инвестиции и дека има поевтини кредити на располагање за приватните фирми и индивидуални граѓани.

За буџетот за одбрана и преземно обврска до 2025 година ?

– Ние имаме превземно обврска до 2024 буџетот за одбрана да биде на ниво на 2 проценти од нашиот БДП, и ние тоа ќе го реализираме. Тоа е стандард на НАТО. Нашата држава веќе имала буџет за одбрана кој бил на тоа ниво во периодот пред 2008 година, кога се очекуваше да добиеме одлука да станеме полноправна членка на самитот во Букурешт. Но, низ годините заради неодговорниот однос на претходната влада и погрешните политички приоритети, состојбите во одбаната беа сериозни влошени. Владата ги превзеде неопходните мерки и чекори да го зголеми буџетот на одбраната и да ги подобри состојбите во одбраната. Тоа е препознаено и ценето од страна на НАТО и сојузниците. Од друга страна, Владата ги направи сите неопходни мерки да гарантира макроекономска стабилност за да може да се реализира владината заложба секоја година буџетот на одбрана да се зголемува за најмалку 0.2 проценти од нашиот БДП. Со ова темпо, би требало да постигнеме буџет за одбраната да биде 2 проценти од БДП, најрано во 2023 година, што значи дека ќе го постигнеме стандардот на НАТО и ќе ја реализираме нашата обврска. Треба да се каже дека тоа е буџето што нашата одбрана ќе го има на располагање за своите потреби односно за модернизацијата на АРМ, за подобрување на условите за работа, за зголемување на нивото на интероперабилност со сојузниците од НАТО, но и за зголемување и подобрување на стандардот на професионалците кои се ангажирани во одбраната и кои се грижат за нашата безбедност. Зголемувањето на буџетот на одбраната не значи дека ние правиме трошок за сметка на НАТО, туку дека имаме доволно финансиски средства за нашиот систем за одбрана и безбедност функционира на исто ниво, со исти стандарди и квалитет на работа, како што е во земјите членки на НАТО. И ние тоа ќе го постигнеме.