Се обидовме да го претставиме животот и делото на еден од најистакнатите Македонци на северноамериканскиот континент бизнисменот Стив Пљакас, кој е роден во егејска Македонија, а живее во Канада. Преку неговото монографско дело на англиски и македонски јазик, насловено како „Стив Пљакас“ од авторот на овие редови, Славе Катин, а во издание на Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје, во 2017 година, читателите ќе бидат запознати со бројни аргументи и факти за делото на Стив Пљакас како бранител на вистината за Македонија
Во Канада, Стив одблизу ја следи активноста на мошне познатата и една од најдолговечните организации на македонските иселеници, „Обединети Македонци“. Сета нивна агенда и мошне впечатлив ангажман го повлече Стив да влезе во организацијата, непосредно по неговата венчавка во македонскиот православен храм „Свети Климент Охридски“ во Торонто.
Тој станува еден од најактивните членови и поддржувачи, поточно кажано силен борец за афирмација на македонската кауза и на македонскиот етникум во мултиетничка Канада. Многу од неговите заложби, упорност и конкретни активности, се ефектно реализирани. Тоа е сторено низ најразлични форми, содржини и начини и низ директни манифестации за време на претседателскиот мандат на Стив Пљакас.
Имено, во 1988 година кога тој е избран за претседател на организацијата „Обединети Македонци“, се отвора нова страница во програмскиот, организациски и манифестациски поглед. Претседателот со своите соработници, со истомислениците и многубројното верно членство, направија навистина доста исчекори. Факт е дека Стив вложи многу од себе, за да ја иновира и динамизира работата. Да воведе дел од модерните пристапи и да покаже и докаже дека македонската нација и земја се со длабоки корени. Дека нивните цивилизациски и национални достоинства имаат многувековна верификација и себепотврдување.
Годината 1988 ја одбележуваат два многу важни настана како многу значајна година. На нив присуствува делегацијата на „Обединети Македонци“. Првиот настан е оној за кој веќе спомнавме – Првата Светска средба на децата-бегалци во македонската метропола Скопје. Вториот, настан се случил во Њујорк на 10 август. Тогаш група доблесни патриоти организирал марш до зградата на светската асамблеја, на Обединетите нации на Ист Ривер. Управниот одбор на „Обединети Македонци” се согласил кога од Стив Пљакас била побарана помош за поддршка.
Споменикот пред МПЦ „Свети Климент“
И, всушност, тие биле водечката група која ги претставувала Македонците во седиштето на Обединетите нации. На истиот ден, на 75. трагични години од распарчувањето на Македонија, шестчлената делегација се искачила на 33 кат каде биле примени во Генералниот секретаријат на Обединетите нации. Таму ја објасниле целата приказна, дека сакаат нашата Македонија повторно да се обедини и да бидат една целина поднебјата на вардарскиот, егејскиот, пиринскиот дел и Мала Преспа.
Натаму, низ времето и активностите, Стив и другарите настојувале да покажат и докажат во Канада и Америка, дека македонскиот народ е бибилиски и дека не случајно повеќе пати е споменат во Светото писмо. Дека континуитет на неговото постоење се неизбришливите докази. Или дека најголемиот стратег и војсководец не случајно се вика Александар Македонски. Преселбите, војните, насилството и егзодусите постојано ги следеле. Но, Македонците биле и останале Македонци, на своја територија и на Балканскиот Полуостров, во јужното крило на европскиот континент.
Во 1991 година Стив Пљакас повторно е реизбран за претседател на познатата организација „Обединети Македонци” од Канада. Истата година, 8 септември е најголемиот ден во современата македонска историја. Најважниот настан за Македонците каде и да се на планетата Земја, кои дочекаа да имаат своја независна матична држава. На 6 септември се одржа Референдумот за самостојна, суверена Република Македонија. По толку војни, окупаторски зулуми и неброени жртви, дојде чинот да одлучи македонскиот народ – да биде свој на своето.
На организираниот Референдум одржан во Република Македонија и во поголемите иселенички средини на Македонците во светот, резултатот беше импозантен. Дури 96 отсто од народот беше – за своја самостојна македонска држава.
Стив раскажува за учеството на македонските иселеници на Референдумот во Канада. Гласачките места биле отворени во Торонто и во Виндзор во црковните храмови „Свети Климент Охридски”, „Свети Илија” и „Свети Никола”, како и во паркот „Обединети Македонци”. По пребројувањето на гласовите резултатот бил уште поимпозантен – 99 % биле за самостојна Македонија. Следеше меѓународната верификација. Признавањата од светот почнаа од Софија, па натаму Анкара, Москва…
Признавањата од светот продолжија. Многу беше битно што на наша страна застанаа и Соединетите Американски Држави. Обединетата македонска организација ги немала потребните американски линкови, па затоа, вели Стив Пљакас, стапиле во контакт со Македонската патриотска организација МПО од Гери, Индијана. Им сториле абер со зборовите: „Ако сте, како што тврдите, македонска организација, тогаш ајде да работиме заедно.”
– Ние подготвивме резолуција и се согласивме дека засилено ќе работиме на признавањето на нашата татковина, истакнува тој. Потписи на Резолуциајта ставаат двете организации – Стив Пљакас за Обединетата македонска организација од Канада и Иван Лебамов за Македонската патриотска организација од САД, стои регистрирано во аналите.
Од тој ден па натаму, значи од 8 септември, Владата на Република Македонија и македонскиот народ запловија по својот суверен, самостоен пат. А ние, вели Пљакас, продолживме и еве, до ден-денес, сите заедно работиме за доброто на Македонците, за доброто на македонската држава. Надежта умира последна. А ние се надеваме дека еден ден Македонија ќе биде обединета.
Стив и свештеникот Илија Донев
Секако, како тажен ден за нас беше, нагласува тој, во 1992 година кога Македонија ја предаде нашата историја и го смени знамето со сонце со шеснаесет зраци на кралот Филип и Александар Македонски. Знаеме под каква присила и уцена, под какви околности беше сторено тоа. Но, треба да се има предвид дека Македонија никогаш нема да се обедини без нашето знаме со сонцето. Се радуваме на новата, наша суверена држава, на Македонија, но мораме да се вратиме и да не ги заборавиме нашите корени во етничка Македонија.
На почетокот на новото столетие, во 2000 година, во Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто беше одржан еден од најзначајните избори. Така, соборниот храм „Свети Климент Охридски“ доби нова управа од 21 член. За претседател беше избран познатиот бизнисмен и донатор Стив Пљакас. Во состав на Управата беа избрани, и тоа, за потпретседатели: Бил Поповскии и Михајло Дика, за секретар Митко Роштанковски, помошник секретар д-р Енди Плуковски, а благајници Дени Глобочки и Иљо Шуклиновски. Освен Извршниот одбор, изгласани беа и 10 членови на Управата.
Новото раководство на чело со Стив Пљакас во својата Програма се залагаше за афирмација на македонската заедница во Торонто и пошироко, за заживување на активностите на сите постојни секции, формирање на Комитет за работа со младите, соработка со Синодот на МПЦ, интензивирање на информативната и образовната дејност, како и подготовка и печатење на Правилникот на црквата „Свети Климент Охридски“.
Црквата на која Стив Пљакас беше претседател од 2000 до 2002 година е стожер на најголемиот број активности што Македонците ги развиваат во Торонто и пошироко и претставува мотив повеќе за изразување на љубовта и почитта кон родната земја Македонија. Црквата „Свети Климент Охридски“ е најголем центар на раселените од сите делови на Македонија. Таа е место на другарување на Македонците од седум до седумдесет и седум годишна возраст. Со други зборови, таа е македонски центар за поколенијата.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН