Здравството пред уште еден предизвик да се реформира во модерно и европско

Здравствениот систем 2017 година ја заврши исправен пред сериозни предизвици, кои го трасираат патот во насока на негово подобрување и приближување до европскиот модел.

Имаше две промени на министерката позиција. На самиот крај на 2017, по повеќе од двомесечно исчекување, министерската позиција ја зазеде неврохирургот д-р Венко Филипче. Инаку, неговиот претходник, по само четири месеци раководење со лулката на здравственот систем, д-р Арбен Таравари ја напушти челната позиција кон крајот на октомври, откако по локалните избори стана градоначалник на Гостивар. Тој во јуни ја презеде министерската палка од Никола Тодоров на кого му престана мандатот.

Во годината што измина, здравствениот сектор се соочи со случај поврзан со сомнежите за увоз на сомнителни лекови, за кој Јавното обвинителство соопшти дека е веќе отворена постапка и досега Обвинителството доставило барања до повеќе институции и адреси за добивање податоци за лица и фирми што се инволвирани во увозот на лекови, преку т.н. паралелен увоз.

Во 2017 година, како и во изминатите неколку години имаше голем број починати новороденчиња на Клиниката за гинекологија и акушерство, што беше аларм за надлежните за итно преземање суштински чекори, во насока на системски пристап и решавање на овој здравствен проблем. Според директорката на Клиниката, д-р Викторија Јовановска, причините за смртност на новороденчињата не се само медицински, туку и има и инфраструктурни фактори.

Поради затекнатата алармантна состојба на Клиниката за гинекологија, Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор по кој беа дадени рокови, по кои ќе се водат и ќе можат законски интервентно да дејствуваат и по итна постапка да ја набават неопходната опрема. Почна реализацијата на зададените обврски на Клиниката во насока на обезбедување нова медицинска опрема и кадровско зајакнување.

Во однос на зголемување на квалитетот на грижата на предвремено родените новороденчиња, Владата набави 16 нови инкубатори за Одделението за интензивна нега на Клиниката и уште десет други за болниците и клиниките низ државата. Од ГАК најавија не само набавка на апаратура, туку и обновување на креветите, модернизација на собите, каде престојуваат пациентките, како и вработување пет анестезиолози, пет педијатри, 20 медицински сестри и акушерки и 20 болничари.

Тоа што ја одбележа 2017, е што по подолг застој, од година и нешто, на Клиниката за урологија повторно почнаа да се извршуваат трансплантации. Од Клиниката изразуваат надеж дека ќе биде обновена програмата за кадаверична трансплантација.

После подолг временски жените од Шуто Оризари добија матичен гинеколог во амбулантата во таа општина. Меѓу новините е и онаа во Детската болница-Козле, каде можат да се направат комплетни лабораториски испитувања и во трета смена, со што е воведена дежурна служба, која работи секој ден 24 часа.

Граѓанските организации, пак, ја поздравија одлуката на Владата и на Министерството за здравство да ги одржат во целост активностите на Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА и да обезбедат буџет за ХИВ, со цел на долг рок да бидат финансирани активностите клучни за јавното здравје, меѓу кои е унапредување на начинот на кој се обезбедуваат антиретровирусните лекови и се гарантира сигурна и континуирана достапност на терапијата за пациентите.

За одбележување се и активностите на повеќе јавни здравствени установи во внатрешноста кои со сопствени средства или преку донации обезбедија нови апарати кои им беа непходни за дијагностика на пациентите.

Во насока на подобра информираност Министерството за здравство на својата веб страница објави дека првпат се достапни повеќе документи и информации од јавен карактер, со цел унапредување на транспарентноста и отчетноста.

Повеќе клучни проекти за модерен здравствен систем најави на својата прва прес-конференција на 28 декември, новоизбраниот министер д-р Венко Филипче.

Во владина процедура е изменетиот Закон за паралелен увоз на лекови, и согласно добрите практики од европските земји се воведува сертификат на квалитет и следење на лекот од каде доаѓа за секоја увезена серија во Македонија. Се разгледува идејата за интегрирање на Клиничкиот центар и дека скопските клиники повторно ќе се спојуваат во еден клинички центар, со што би се намалиле трошoците за посебни управни одбори и директори на клиниките. Со спојување на клиниките во еден центар ќе се централизираат и набавките на лекови и потребни материјали за работа за сите клиники.

Во владина процедура е и пилот проект за интегрирање на здравствени установи во другите градови во земјава, а првично овој проект ќе се спроведе во Кочани, Гевгелија и Дебар. Еден од клучните проекти годинава ќе биде надградување на Националниот систем за електронски евиденции во здравството „МојТермин“, во насока на подобрување на квалитетот на здравствената услуга и формирање интегриран здравствен систем во кој ќе има контрола и на потрошувачката и на вистинските потреби.

Министерот Филипче најави зголемување на платите за пет отсто на сите здравствени работници, дополнителен износ на средства за дежурствата за докторите и сестрите во Клиничкиот центар и во сите болници во државата, посебно за хирурзите, кои веќе имаат зголемување, подобри опции за едукација на докторите преку соработка со познати универзитетски центри во Европа, а 348 приватни специјализанти ќе земаат плата во висина на минималната плата гарантирана за општ лекар.

Најавен е и почеток на формирање регистри на сите болести во Република Македонија, распишување тендер и преземање чекори за подобрување на системот на снабдување со лекови за ретки болести, обезбедување „тракери“, кои се лепат на кожата за децата, кои имаат дијабетес тип 1 за да се спречи ризикот од нивна ноќна гликемија, бесплатно болничко лекување на ранливите категории граѓани, односно Роми корисници на социјална помош.

Ќе се обезбедат средства за градежно завршување на болниците во Штип, Струмица и Охрид, распишување тендери за нивно опремување, завршување на градежните работи во болницата во Бардовци и бункерот за акцелератор во ГОБ „8 Септември“, Детската кардиохирургија ќе биде сместена во рамки на Клиниката за кардиологија и постојната Клиника за кардиохирургија, промена на системот на лекување од куратива кон превентива и зајакнување на системот на патронажните сестри.

Времетраењето на прегледот ќе биде договорено со директорите на клиниките и институциите, затоа што, како што појасни, Филипче, секоја струка е специфична и ќе се направат напори клиниките да примат административни помошници (кои ќе ги внесуваат податоците) на докторите, за тие да се фокусираат на прегледот на пациентот.

Од Националниот систем за електронски евиденции во здравството „МојТермин“ за годинава предвидуваат новини во упатувањето во корист на пациентите.

Покрај редовниот упат (со термин), предвидено е да се воведе и – итен упат, кој ќе го издава избран лекар или специјалист, односно супспецијалист, во случај на животозагрозувачки состојби, кој важи и треба да се реализира 24 часа од моментот на издавање, упат без термин (кога не постои можност да се закаже редовен преглед (со термин), со кој пациентот може да биде прегледан во наредните седум дена од моментот на издавањето (прегледот ќе биде извршен по завршувањето на прегледите со термин). Тој упат ќе се издава за препорака за боледување, за користење хронична терапија, за препорака и издавање ортопедски помагала, за остварување други права за кое е потребно мислење од специјалист, односно супспецијалист или конзилиум на лекари.

Овие новини кои ги предвидуваат од „МојТермин“ ќе стапат на сила откако Фондот за здравствено осигурување на Македонија ќе донесе ново упатство.

И како што најави министерот Филипче, покрај се пред нас е одличен план и сериозен капацитет добро да се реформира здравствениот систем и тој да стане модерен и европски здравствен систем.