Го очекувам најдобриот извештај за напредокот на нашата држава од страна на Европската Комисија, убавите вести за државата од Брисел ги дочекувам во Лондон, а ќе ги пренесам во Скопје, изјави заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, на петтата заедничка научна конференција – Западно балканските процеси во Лондон.
Тој додаде дека Комисијата ја рефлектира подготвеноста на државата за почеток на преговорите со ЕУ како потврда за остварениот напредок.
– Од страна на академската заедница на земјите членки на ЕУ, вклучени во Берлинскиот процес, нашата држава беше издвоена како позитивен пример во регионот, и од тие причини имаше посебна улога на Конференцијата. Го очекуваме најдобриот извештај досега. Убавите вести за мојата држава од Брисел ги дочекувам во Лондон, заедно со нашите пријатели и поддржувачи, а ќе ги пренесам во Скопје како порака за светла иднина на моите сограѓани, рече Жерновски.
Тој очекува дека Европскиот совет ќе ја потврди одлуката од минатата година, за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, и како што рече, тоа ќе значи гаранција за стабилноста и задржување на фокусот на реформските процеси.
– За многу краток период продуциравме позитивни резултати на планот на внатрешните реформи, станавме земја која потпиша Пристапен протокол за членство во НАТО и земја-модел која со решавањето на историски конфликтни ситуации ги претвори во одржлива заедница на пријателство и доверба, рече Жерновски.
Во своето излагање нагласи дека европската интеграција на Балканот е геостратешка инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа, базирана на заеднички вредности и стандарди.
– За нас, Европа значи гаранција за нашата независност, слобода и демократија. Ние сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан, како и дека даваме силна поддршка на изнаоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ. Нема силна Европа без успешен Балкан, а успешен Балкан е оној што е интегриран во ЕУ, истакна Жерновски.
Заменик министерот за надворешни работи во Лондон ќе има работна вечера и со претседавачот на „Групата Охрид“ и поранешен генерален секретар на НАТО, Лорд Џорџ Робертсон.