Разрешени извршниот одбор, потпретседателите и партиските секретари во СДСМ (ДПЛ)

Целиот извршен одбор на СДСМ, сите шест потпретседатели на партијата, генералниот, организацискиот и меѓународниот секретар, како и коордианторката на  Форумот на жени се разрешени вечерва на седницата на Централниот одбор на СДСМ.

Ова го соопшти лидерот на партијата и премиер Зоран Заев по завршување на седницата заблагодарувајќи им се на сите за вршењето на досегашните функции во партијата.

Информира дека за нов генерален секретар е избран Љупчо Николовски и дека тој повеќе нема да биде министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Ветивме промени и се случуваат. СДСМ вечерва демонстираше сериозна одговорност пред граѓаните и сопствената земја. Донесовме одлуки што носат суштински промени, изјави Заев.

Тој додаде дека оваа одлука е сериозен израз на одговорност, на, како што истакна, восприемчивост од пораките на граѓаните и наши амбиции за нашето подобрување. Тргнавме од сопствените редови. Знаете донесов одлука за разрешување на претседателите на општинските организации. Продолживме и понтаму вечерва, рече премиерот и лидер на СДСМ.

Според одлуките, што се донесени со консензус,  разрешени се Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, Цветанка Ласкова координатор на Форумот на жени и шесте потпретседатели Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири.

Заев најави дека продолжуваат консултации за поставување на нови на овие функции и истакна дека со разрешените ќе продоложи соработката.

Оваа одлука според Заев е време на уште поголема иницијатива на СДСМ и целиот фокус ќе биде посветен  кон подобрување на животот на граѓаните.

-СДСМ е најгоелмата партија што носела најголеми одлуки за развој на државата. СДСМ покажува дека живее со и за граѓаните, дека ги слуша нивните потреби и дека е подготвен да се менува на подобро за да им служи уште подобро на граѓаните. Тоа е разликата меѓу нас и нашиот политички опонент. Ја внесовме нашта земја во НАТО, очекуваме датум конечен за почеток на преговорите со ЕУ, го сплотивме нашето општество, сите предуслови се создадени за оваа драгоцена шанса нашта земја и нашиот народ да не ја пропушти. Ако тргнавме од своите редови да се исправиме со големината и доблеста за наше корегирање и подобрување, верувајте нема да дозоволиме било кој во државата, без разлика дали тоа е јавната админситрација, центална или локална да прима пари од граѓаните, а да не ги исполни очекувањата на граѓаните, рече Заев.

Потенцира дека сега со освежени капацитети ќе се насочат кон подобрување на животот на граѓаните.

За Николовски рече дека тој е еден од поуспешните министри во Владата и дека тој сега ќе помогне во оваа партија да биде победничка и во иднина.

– Љупчо сега е време целокупниот потенцијал на партијата на добро организиран начин да го ставиме во функција на интересите на граѓаните, му порача Заев на Николовски истакнувајќи дека ја има неговата поддршка.

Новоизбраниот генерален секретар се заблагодари за дадената довербата  и рече дека вечерва се донесени храбри и решителни одлуки, а фокусот на неговата работа ќе биде строга контрола на исполнувањето на партиската програма и на дадените изборни ветувања.

-Ќе работам заедно со новото раководство на СДСМ, со новиот Извршен одбор и потпретседателите што ќе бидат назначени во следните неколку недели, но ќе го црпиме и искуството од досегашните потпретседатели, генералниот секретар со целокупното искуство, мудрост и трпение што заеднички го имавме во претходниот перид. Но ќе работиме пред се на силна контрола за тоа како се реализира нашата програма и нашите ветувања, заради тоа што работиме силно и посветено, рече Николовски по завршување на седницата на ЦО на СДСМ, која траеше близу четири часа.