Пендаровски – Томан: Поддршка од Чешка за интеграцијата во ЕУ и НАТО

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Томан со кого разговарале за натамошно унапредување на севкупните односи меѓу двете земји, за нашите евроатлантски интеграциски процеси, како и за состојбите во регионот.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, на средбата Пендаровски и амбасадорот Томан изразиле задоволство од пријателските релации меѓу двете земји кои се основани на почит и разбирање, и ја потврдиле подготвеноста за продлабочување и динамизирање на билатералната соработката во сите области од взаемен интерес.

-Во однос на процесот на интеграција во Европската унија и во НАТО, претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија високо ја цени отворената и јасна поддршка од Чешка, додавајќи дека во следниот период е неопходно да продолжи политиката на отворени врати на ЕУ, која ја споделува и Чешката Република, заради сигурноста, стабилноста и просперитетот на целиот регион, се наведува во соопштението.

На средбата станало збор и за балканската мигрантска рута, при што претседателот Пендаровски го потенцирал придонесот на Чешката Република во опрема и ресурси, како поддршка на безбедносните сили на Северна Македонија за успешно контролирање на нашата јужна граница, и изразил очекување за натамошна тесна соработка во одбраната и безбедноста.

Амбасадорот Томан на претседателот Пендаровски му го честитал стапувањето на функцијата и му посакал успех во работата, додавајќи дека ќе продолжи да работи на градење на пријателство и партнерство меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република, стои во соопштението.