Именувањето на новиот директор на Агенцијата за разузнавање, најавата за анализа на надворешната политика и за деблокада на процедурата за агремани за амбасадори, потпишаните закони на кои Ѓорге Иванов не стави потпис, покрај комплетирањето на составот на неговиот кабинет, се првите одлуки кои ги донесе претседателот на државата Стево Пендаровски по стапувањето на функцијата.
Пендаровски го назначи Ерол Муслиу за нов директор на Агенција за разузнавање. Муслиу порано работел во Управата за безбедност и контраразузнавање, а во последниве години во Агенцијата за разузнавање.
Покрај назначувањето на Муслиу, во наредните денови се најавува дека ќе бидат познати и имињата на лицата кои тој како свои членови ќе ги именува во националниот Совет за безбедност. Советот за безбедност го сочинуваат претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот, министрите кои раководат со органите на државната управа од областа на безбедноста, одбраната и надворешните работи, како и тројца членови назначени од шефот на државата.
Во делот на надворешната политика, Пендаровски ја одблокирал и процедурата за агремани за амбасадори која била блокирана од неговиот претходник Ѓорге Иванов, а најави и дека ќе побара од Владата и МНР анализа за сите дипломатско-конзуларни преставништва на земјава во странство и за компетенциите на амбасадорите за да се видат перформансите на надворешната политика.
Инаку, првата дестинација на шефот на државата во странство ќе биде посетата на Брисел во јуни за време на одржувањето Самитот на ЕУ кога се очекува и одлуката за одредување датум за почеток на пристапните преговори на земјава со Унијата.
Познат е и составот на кабинетот на Пендаровски. Генерален секретар ќе биде Миле Бошњаковски, кој досега ја извршуваше функцијата портпарол на Владата, шеф на протокол ќе биде Билјана Мицевска, одговорна за односи со јавноста ќе биде Катерина Цаневска, a Билјана Радева ќе биде прес-офицер, информираат од кабинетот на шефот на државата.
Советник за национална безбедност ќе биде Блерим Кољари, Александар Спасов како надворешен консултант ќе ја врши функцијата на советник за внатрешна и надворешна политика. Советници во кабинетот ќе бидат и Тоше Зафиров, Љуљета Адеми и Гоце Карајанов.
Во сферата на надворешната политика, надворешни советници ќе бидат поранешните шефови на дипломатијата Александар Димитров и Денко Малески и поранешниот амбасадор во Австрија, Сашо Тавчиовски.
Надворешни советници за правни работи ќе бидат и професорката Беса Арифи и поранешата судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазаревска Трајковска.
Стево Пендаровски беше избран на претседателските избори на 21 април, односно 5 мај, а беше инаугуриран на функцијата на 12 мај.