На државата во моментов и е потребна големата одлука за започнување на преговори бидејќи тоа ќе доведе до невидено консолидирање на институциите за подготовка на преговори, вели вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи.
Тој во изјава за медиумите по обраќањето на меѓународниот семинар „СЕП, Центарот за обуки и димензијата на човечките ресурси“ заедно со Амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, посочи дека фактот дека Република Северна Македонија веќе 20 години е во овој процес, 15 години со кандидатски статус и е во долг период на статус кво во движењето кон ЕУ има и предности и негативности.
-Негативностите се во фактот што ова статус кво создаде непредвидливост во процесот. Ниту луѓето кои се во системот да ја планираат својата иднина, бидејќи не се знаеше до пред две години дали воопшто ќе има европска иднина оваа држава, па многу луѓе си наоѓаа некоја своја друга лична перспектива, ниту институциите имаа доволно енергија и предвидливост да се консолидираат. Позитивната страна од статус квото е што во тек на време се акумулирапе доста искуство. Тоа што ни недостига во моментов е тригер, а тоа е одлуката за отпочнување на преговори. Во моментот кога таа одлука ќе се донесе ќе видите невидено консолидирање на институциите и невиден ентузијам кај луѓето и во и надвор од администрацијата, и тие што се надвор од државата да бидат вклучени во тој процес. Бидејќи РСМ веќе влезе во предвидлив процес, веќе е јасно дека прашањето дали ќе влеземе во ЕУ не постои туку кога ќе влеземе во ЕУ е новото прашање во РСМ, затоа ни треба поддршка од пријателите, рече Османи.
Запрашан за очекувањата од Европските избори кои почнуваат денеска, вицепремиерот рече дека очекува поволен исход по иднината на Европа, на европската идеја како и по однос на иднината на европската перспектива на нашата земја.
-Очекувам дека проевропските ќе победат на овие избори, бидејќи навистина и самата ЕУ и европската идеја е на крстопат. Овие избори ќе дадат значителен поттик на насоката која ќе ја избере ЕУ. Меѓутоа верувајќи дека во секој европеец и во секој граѓанин на ЕУ живее европската идеја и сеуште се живи генерациите кои знаат што значи за мирот и за стабилноста недостатокот на европската идеја дека европските граѓани ќе донесат одлука со која само ќе ја зајакнат и промовираат европската консолудација, вели Османи.
За амбасадорот Тимоние треба да се почека на резултатот од изборите.
-Прво треба на овие избори да го добиеме позитивниот знак кој што го очекуваме, а потоа ќе си дојде се на своето. Инаку, европската конструкција во моментов навистина се соочува со тежок период, меѓутоа европската изградба никогаш не била секојдневно задоволство, туку секогаш била со подеми и падови и потребно е трпение, вели францускиот амбасадор.
Запрашан за вчерашната изјава на поранешната министерка за европски прашања во владата на Емануел Макрон и сега предводничка на листата за европските избори на Републиката во движење, Натали Лоазо, која категорично рече „не“ за почеток на преговорите за влезот на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, и дека нема да има датум за преговори во јуни, Тимоние вели дека тој е претставник на претседателот на Француската Република кој јасно кажа дека европската перспектива на земјите од Западниот балкан е сосема јасна и заедно со вицепремиерот Османи работат на таа перспектива.