Нимиц: Се измачив со користењето на „ПЈРМ“, Преспа е врв на мојата кариера

Американскиот дипломат Метју Нимиц кој речиси 25 години посредуваше во спорото за името меѓу Скопје и Атина, во разговор за Дојче веле признава дека до самото потпишување на Договорот од Преспа на 17 јуни 2018 година, па ни потоа, не бил сигурен дека целата работа ќе се истера до крај.

Вели дека денот на потпишувањето не го памети само по 79 роденден кој го прослави на брегот на Преспанското езеро, туку како многу потресен и многу важен ден, кој, како што наведува веројатно е врвот на неговата кариера.

Нимиц кажува и дека постојано се мачел со користење на референцата „поранешна југословенска Република Македонија“, име кое, како што посочува, всушност и не беше име.

– Привремената референца во Обединетите нации воопшто не беше име на земјата. Тоа беше времена референца во очекување на име. Тоа ви е како јас и сопругата да добиеме дете и во болница да му напишат „синот на г-дин и г-ѓа Нимиц. И ако детето 20 години шета без име, тој или таа ќе расте во многу непријатна ситуација. Вашата земја беше заглавена со таа референца што беше понижувачки за државата, ја доведуваше во прашање нејзината легитимност, отвораше проблеми, а беше тешко и за мене како претставник на ОН да ја користам и постојано да повторувам ‘поранешна југословенска Република Македонија, вели Нимиц.

Од денешен аспект смета дека единствениот период во минатото кога можеби можел да се реши спорот се отворил веднаш по Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.

– Можеби во таа кризна атмосфера нешто можеше да се стори, но излезе дека не е така затоа што имаше премногу бес и владата во Скопје одлучи да тужи пред Меѓународниот суд. Ни САД тогаш не беа многу од помош, да поттурнат за да се најде ново име, се присетува Нимиц.

Го споменува и периодот на грчкиот премиер Јоргос Папандреу, „кој имаше интерес да го реши проблемот“, и неколкуте негови средби со тогашниот македонски премиер Никола Груевски. -Но, тоа не беа интензивни преговарачки сесии, што ме разочара. Тоа беа само куси состаноци, вели Нимиц.

И во периодот на владите на Љубчо Георгиевски и Костас Симитис за време на конфликтот во 2001 година кружеле идеи преку „неформални дискусии, а биле нафрлени и неколку имиња“, но во тој период надежите на Нимиц биле насочени кон поранешниот претседател Борис Трајковски.

-Трајковски беше претседател. Имав чувство дека доколку Трајковски не загинеше трагично во авионската несреќа, дека тој имаше лидерски потенцијал да стори нешто, смета Нимиц.

Според него, процесот на антикцизација во Скопје што го почна владата на Никола Груевски по Самитот во Букурешт, имало многу лош ефект на процесот.

– Имав многу дискусии со Груевски и имав добри односи со него. Минавме многу часови заедно. Ќе одев во неговиот дом и ќе вечеравме заедно, и ќе разговаравме. Го сметав за многу интелигентен. Ги познаваше работите многу добро. Секогаш го сметав за многу интересна личност за разговор на оваа тема. Но неговите, и погледите на претседателот Иванов, беа премногу заглавени во историскиот пристап. Тоа за мене беше ќорсокак, наведува Нимиц.

Груевски,  оценува Нимиц, никогаш не бил подготвен да го направи последниот чекор.

-Тој не беше подготвен на компромис доволен за да се постигне договор. Беше флексибилен, но неговата флексибилност беше лимитирана. А и политиката во земјата беше таква што тој со оваа тема добиваше на избори, оценува Нимиц.

Долгогодишниот посредник во разговорите за името вели дека Преспанскиот договор и натаму се соочува со силно противење и во Северна Македонија и во Грција, како од двете најголеми опозициски партии, така и од радикалите.

Нимиц додава дека тоа му е јасно, а објаснувањето е дека „никогаш не можете да бидете сигурни за иднината.”

-Не верувам дека историјата кога било престанува. Нештата се движат. Споровите кои имаат длабоки корени се менуваат во природата, но никогаш целосно не исчезнуваат, одговара тој на дилемата дали е конечно затворен спорот.