Пресудата за разузнавачот Богоевски ќе се соопшти откако ќе ја примат тој и тужителите Ахмети и Џафери

Пресудата од предметот во кој лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и Муса Џафери го тужеа поранешниот разузнавач Слободан Богоевски за клевета дека примиле мито од „Маѓар Телеком“ од по 2,5 милиони евра ќе биде објавена веднаш откако странките ќе ја добијат и ќе потврдат дека ја примиле, соопштија од Основен суд Скопје 2.

„Поради големиот интерес за предметот П5.81/15, Ве информираме дека одлуката е изготвена и експедирана до странките и истата ќе биде објавена на веб страната на судот во анонимизирана форма по исполнување на законските услови предвидени во член 10.ст.2 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, се истакнува во соопштението на судот.

Вчера во некои медиуми повикувајќи се на изјава на адвокатот на Богоевски, пишуваа дека тој бил прогласен за виновен и оти нема да им плати материјална штета бидејќи тужителите се повлекле од барањето.

Богоевски пред судот во Њујорк дал исказ во постапката која се водеше против тројцата поранешни менаџери на „Маѓар Телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи. Ексразузнавачот меѓу другото, тврди дека двајцата високи функционери на ДУИ примиле мито од „Маѓар Телеком“ од по 2,5 милиони евра.