Ликовната колонија „Мал Битолски Монмартр“ со 50 држави учеснички

 Меѓународната детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“ годинава е со најголем број учесници и од сите страни на Светот, изјави раководителот Коста Хаџи Антоновски.

Во пресрет на свеченото отворање кое според востановената традиција на 23 мај ќе се одржи во Старата Битолска чаршија и со спекатакуларен огномет, Хаџи Антоновски најави дека првите учесници ќе стигнат утре, и сите заедно ќе творат до 30 мај.

-Колонијата, овој фестивал, по 38 пат го организираме со голема љубов, со големо гостопримство за ентузијастите и вљубениците во детското ликовно творештво. Подготвени сме да ги пречекаме сите ученици и наставници, полни сме со позитивна енергија, иако до денес не сме добиле ниту денар за организација на меѓународната детска ликовна колонија, посочи Хаџи Антоновски.

Според програмата, колонијата ќе почне со доделување на наградата „Гран при“ за 2019 година која лично ќе ја прими бројна делегација од училиштето „Simply Art“ од Хонг Конг-Кина, а потоа учесниците 4 денови ќе цртаат во Битола и еден ден во Охрид.

-Делата на најдобрите учесници поединци од колонијата во Битола ќе бидат наградени со учество на Самит на ликовни уметности во Хонг Конг кој годинава ќе се одржи на 3 и 4 ноември во Кина.