Претседателот Пендаровски се сретна со шведскиот амбасадор Стафансон

 Шефот на државата Стево Пендаровски денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Шведска во нашата земја Матс Стафансон.

Двајцата соговорници, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Кралството Шведска, кои се карактеризираат со пријателство и заемно разбирање.

Претседателот Пендаровски изразил очекување за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете држави и посочил на потребата за интензивирање на комуникацијата на високо и на највисоко ниво.

На средбата претседателот Пендаровски ја истакнал важноста на континуираната шведска поддршка за интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија.

– Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази очекување за скорешно одредување датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, истакнувајќи дека идното членство на Република Северна Македонија и на земјите од регионот во Европската Унија е важен предуслов за обезбедување на напредок и трајна стабилност, се вели во соопштението.

Амбасадорот Стафансон на претседателот Пендаровски му пренел честитки од шведскиот крал Карл XVI Густаф и од шведскиот премиер Стефан Ловен по повод стапувањето на функцијата и му посакал успех во работата.