Џанков: Договорот од Преспа отвора перспективи за целиот регион

Договорот од Преспа не се однесува само на двете земји, Северна Македонија е порта на транспорт, порта на инфраструктурите кон останатата поранешна Југославија, а Солун може да стане центар на Балканот, вели во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, поранешниот вицепремиер и министер за финансии на Бугарија, Симеон Џанков, а сега директор за истражувања на „World Development Report 2019“ на Светската банка и директор на Financial Markets Group на Лондонската берза.

-Навистина верувам дека Солун може да стане центар на Балканот во целина, по Договорот од Преспа. Повеќето луѓе сметаат дека овој договор се однесува само на Грција и на Северна Македонија. Реално, Северна Македонија е порта на транспорт, порта на инфраструктурите кон останатата поранешна Југославија. Па така, прашањето е, сега кога го имаме договорот, како можат Грција, Бугарија и Романија, односно земјите од Балканот што се во ЕУ, можеби и Словенија и Хрватска да дејствуваат во смисла на (создавање) инфраструктури, заедно со земјите кои што сѐ уште не се интегрирани во обединета Европа, вели Џанков и објаснува дека Солун е единствената област што ги има сите неопходни компоненти благодарение на пристаништето и инфраструктурата.

Во однос на кинеската иницијатива „New Belt, New Road“ и улогата на Договорот во Преспа во реализирањето, Џанков за АНА-МПА вели дека токму решението го отвора патот, јави дописничката на МИА од Атина.

-Кинезите ја сфатија перспективата пред тоа да го сфатат Европејците, бидејќи иницијативата „New Belt, New Road“, ако ја погледнете мапата, во суштина тргнува од Солун и оттаму во основа продолжува преку Северна Македонија и преку Србија и продолжува сè до Австрија. Така, Договорот од Преспа, помага во сето ова, бидејќи не може да го има бизнисот, освен ако има политички договор, објаснува директор за истражувања на „World Development Report 2019“ на Светската банка и директор на Financial Markets Group на Лондонската берза.