Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска, во седиштето на Советот на Европската Унија во Брисел учествуваат на Економск иот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција.
Настанот секоја година се одржува во рамки на разгледувањето на Програмата за економски реформи на земјите кандидатки за членство во ЕУ. Тој претставува завршен состанок за годишно оценување на макроекономските политики и структурните приоритети, на кој од една страна учествуваат претставниците на земјите членки на ЕУ, Европската комисија и Европската централна банка, а од друга страна претставниците од централните банки и надлежните министерства од земјите на Западен Балкан и Турција.
На годинешниот Дијалог ќе бидат презентирани оцените на земјите за исполнувањето на насоките на ЕУ дадени минатата година во однос на Програмата за економски реформи. Се очекува учесниците на настанот да ги усвојат заедничките заклучоци од годинешниот циклус на разгледување на Програмата.
Предвидено е во рамки на настанот да се одржи и тематска дискусија за структурните реформи што ќе ги спроведуваат земјите кандидатки за членство во ЕУ, со цел привлекување повеќе странски директни инвестиции и зацврстување на своите економии. Министерот за финансии и гувернерката ќе имаат обраќања и ќе учествуваат во дискусијата. Гувернерката ќе с осврне на придонесот на централната банка во овој домен кај нас, како преку одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, така и преку вклученоста во реформите во финансиската сфера.
На маргините на настанот, Тевдовски и Ангеловска-Бежовска ќе остварат и повеќе средби со свои колеги од Европа, во насока на јакнење на соработката.