Уверен сум дека оваа година земјава ќе влезе во втората фаза после дваесет години напори, и ќе започне преговори за пристапување со Европската Унија. Не може да се најде забелешка за работата на Северна Македонија во однос на исполнувањето на критериумите.
Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, по симулацијата на состанок на Европскиот совет што ја организираа и изведоа студентите од Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје.
Според Османи, штетата е многу поголема да не се започнат, отколку да се започнат преговорите, дури и во случај на внатрешните дилеми и стравови што ги има во земјите-членки.
– Работиме со земјите-членки, со сите нивни дилеми што ги имаат во однос на проширувањето. А тие дилеми не се однесуваат на нас. Не може да се најде забелешка за работата на Северна Македонија во однос на исполнувањето на критериумите. Се обидуваме да им објасниме дека интересот за започнување на овој процес е многу поголем, и штетата е многу поголема да не се започнат, отколку да се започнат преговорите, дури и во случај на внатрешните дилеми и стравовите што ги има во земјите-членки. Така што јас сум оптимист и ве уверувам дека нема да оставиме непревртен камен и камче за да обезбедиме оваа држава да почне преговори годинава, истакна Османи.
Во однос на тоа дали ќе понесе политичка одговорност и ќе се повлече од Секретаријатот доколку земјава не добие одлука за почеток на преговори, Османи рече дека ова прашање е „многу поголемо од индивидуалната судбина на било кој човек дури и на целата Влада“.
– Ова е историско прашање за државата. Ги изодуваме последните чекори од еден дваесетгодишен маратон. И навистина не смее оваа тема да се деградира до ниво на прашање каде ќе биде некој функционер или некоја Влада. Ние зборуваме за тоа дали државата ќе влезе во втората фаза после дваесет години напори. Ве уверувам дека оваа година земјава ќе влезе во втората фаза и ќе започне преговори за пристапување со Европската Унија, посочи Османи.
На прашањето дали имал увид во Извештајот на Европската Комисија за Северна Македонија, за време на неговата посета на Брисел во петокот, Османи рече дека одлуката на ЕК е оти ќе го објави извештајот по изборите за Европарламентот.
– Таа одлука е намерно така за да не се отвори оваа дебата пред изборите. Ќе ја почитувам таа одлука на ЕУ и нема да ја отварам дебатата за извештајот и што содржи во извештајот пред тие избори, одговори Османи.
Во однос на постигнувањето договор за СЈО, Османи вели тука станува збор за два датуми, едниот е пожелен, а едниот неопходен.
– Пожелниот би било пред извештајот на ЕК, а неопходниот би бил пред одлуката на Советот на ЕУ. Работиме да ги искористиме овие денови максимално да се изнајде решение помеѓу политичките партии, а ако во некој разумен рок не се постигне таквиот договор треба да се продолжи комуникацијата меѓу пратениците, рече вицепремиерот.
Османи на симулираниот состанок, на кој Советот донесе одлука за доделување датум за почеток на преговори, ги бранеше образложенијата зошто на земјава треба да ѝ биде доделен датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија.
Истакна дека одлуката од страна на Советот со која на земјава и се доделува датум за почеток на преговорите со ЕУ, е потврда на целокупниот напредок, фер-однос и на Унијата и на земјите-членки кон сопствените ветувања, но истовремено и поттик и за останатите земји од регионот, дека е потребен искрен и автентичен напредок и дека истиот се цени и соодветно се валоризира.
За време на настанот Османи го претстави и проектот „Со европско знаење до европската престолнина“, конкурс наменет за студентите по општествени науки при државните универзитети, на кој преку учество со изработка на есеи, имаат можност да го покажат своето европско знаење, а најдобрите 12 ќе добијат шанса да ја почувствуваат атмосферата во Брисел, преку тридневна студиска посета на европската престолнина, каде што ќе имаат прилика да ги посетат клучните институции на ЕУ, како и да се запознаат со начинот на нивната работа.