Константин Георгиески: Ќе бидам градоначалник на сите граѓани на Охрид

Претставници на ОИК денеска на Константин Георгиески му го врачија уверението со кое тој и официјално стапува на должноста градоначалник на Општина Охрид.

Тој ја искористи приликата да им се заблагодари на сите граѓани на Охрид што излегле на предвремените избори, особено на оние што ја поддржаа неговата програма. Се обврза дека ќе работи во интерес на градот, во интерес на соживотот како и за напредок на оваа и наредните генерации.

– Ќе бидам градоначалник на сите граѓани на Охрид независно нивната политичка, верска, етничка, национална припадност. Општината изминатата година по половина, во изминатите четири месеци додека бев в.д. градоначалниик и отсега натаму ќе биде постојано отворена за сите граѓани, за да ги слушне нивните барања, предлози и заедно да работиме во насока на растот, развојот и напредокот на нашиот град, рече Георгиески ветувајќи дека уште попосветено продолжува со работа за реализација на ветените проекти.

Константин Георгиески како в.д. градоначалник функцијата ја извршуваше од декември минатата година, по ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски. Тој победи во вториот круг од предвремените избори за упразнетата градоначалничка функција одржани во неделата, добивајќи ја поддршката од 16.523 граѓани на Охрид кои излегоа на изборите, 3.855 гласа повеќе од неговиот противкандидат.