Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Перти Иконен, амбасадорот на Република Финска, кој го завршува својот мандат во земјава.
На средбата е потврдена поддршката од Република Финска за политиките на проширување на Европската унија, како и поддршката, Република Северна Македонија, ова лето, да добие датум за преговори со ЕУ. Констатирано е дека Договорот од Преспа е вредно постигнување, како за нашата држава, така и за регионот и за Европа, затоа што е пример како низ искрени политики на дијалог, се можни решенија на билатерални прашања. Оценето е дека ефикасните политики на премиерот Заев и на Владата се доказ дека се можни позитивните промени за кус временски период, како и е изразено охрабрување, Република Северна Македонија да продолжи по овој пат за добрата иднина на граѓаните и на државата, соопшти владината прес-служба.
– Нашата цел е ова лето да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Светиме на Балканот, немаме повеќе отворени билатерални прашања со соседите, во финална фаза на усогласување со опозицијата е Законот за јавно обвинителство, очекуваме со одговорност од сите страни да биде донесен во текот на мај и овој закон од правосудните реформи. Покажавме капацитет за спроведување на реформите, за дијалог и за единство, ова се европски вредности и очекуваме ова да биде вреднувано на Самитот на ЕУ во јуни, рече премиерот Заев.
На средбата беше нагласена важноста од владеењето на правото и имплементацијата на правосудните реформи.
Се разговараше и за можноста за експертска помош од Финска, во делот на даночните политики, како и за примена на искуства од Финска во области важни за граѓаните, младите и економијата, како што е образованието.
Премиерот Заев се заблагодари на амбасадорот Иконен за неговите лични заложби во демократските процеси во Република Северна Македонија, како и за големата поддршка што ја има нашата земја од Република Финска во интеграциските процеси.
На средбата е заеднички констатирано дека Република Северна Македонија и Република Финска се пријателски земји и дека постојат големи можности за развој на соработката.