Антикорупциска отвори постапки против Заев, Анѓушев, Манчевски,Пановска Ставридис, Мерко, Вангеловски…

Антикорупциската комисија денеска одржува седница на која отвори повеќе предмети по чуен глас, по пријави од граѓани и политички партии.

Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска по пријава на ВМРО- ДПМНЕ отвори постапки за одделни пет предмети за случаи поврзани со власта, и најави уште еден за судир на интереси. Отворени се постапки за предметите „Глобал“, „Едно евро за црквата, едно за Вицето“,  за фирмата „Тополки“ за доделување земјиште за хидроцентрала Тополки, за предметот “Земјиште во касарна” поради сомневање дека Сашо Брндевски купил 18.462 метри квадратни по повластени ниска цена од тогашниот градоначалник на Струмица Зоран Заев, за грчките фирми на министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски и постапка за предметот “Бугарските фирми на Заев”.
– За фирмата “Тополки” каде што еден од сопствениците е Кочо Анѓушев преку фирмата Феро инвест, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител и има доделено градежно земјиште по пат на непосредна спогодба во Дреново за изградба на хидроцентралата Тополки, појасни Ивановска.
На нејзин предлог е отворен предмет и за продажба на земјиштето кај Холидеј ин за сомнежи поврзани со негово окрупнување, но и за загрозување на животната средина.
Се отвори предмет и за истражување на набавките на Клиниката за хематологија и дали в.д. директорката Ирина Пановска Ставридис влијаела врз одлучувањето при набавките на лекови, бидејќи е ќерка на сопственикот на веледрогеријата “Др Пановски”.
ДКСК, исто така, отвори случај за набавката на четири возила во Општина Струга, од кое едно возило „Ауди А6“ што, како што беше објавено во медиумите, ќе биде за градоначалникот Рамиз Мерко.
На предлог на членот Нури Бајрами отворен е случај и за набавка на возило „БМВ“ од 40.000 евра од страна на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.
Антикорупциска отвори случај и за сомнежите дека Горан Караџовски, Коле Штерјев и Јово Вангеловски цели три години земале месечни паушални по 10.000 денари.
Отворени се предмети од граѓани за изборни нерегуларности кои ја искористиле апликацијата на ДКСК.
Антикорупциска ќе разгледува и предмети за избор на наставници во научни звања на еден од факултетите на УКИМ, вработување на Институтот за радиологија, за нострификација на диплома…
Седницата е се уште во тек.