Високи концентрации на железо и никел во почвата и во зеленчукот кај кавадаречко Возарци

Забележани се високи концентрации на никел и железо во почвата кај кавадаречко Возарци. Повисоки вредности се забележани и во зеленчукот. Некои зеленчуци примаат повеќе, а некои едноставно не ги апсорбираат, тоа е до структурата на зеленчукот. Испитувана е почва на две локации, во градот Кавадарци и во близина на фабриката-загадувач од тешката индустрија, во атарот на селото Возарци. Споредбено, има разлика. Загаденоста се покажа кај границата на селата Возарци и Шивец, во градот не. Ова беше соопштено на денешната едукација на фармери и презентација на резултати од анализа на почва во Кавадарци, во просториите на Универзитетот „Гоце Делчев“, од Штип, квадаречките дисперзирани студии.

Настанот е дел од проектот „Да ја заштитиме почвата од загадување”, спроведуван од ЕД „Вила Зора“-Велес и поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско учество. Партнерска организација од Кавадарци е „Еко-живот”.

– Во проектот се вклучени повеќе градови. Процесот на деконтаминација на почвата го започнавме пред повеќе од десетина години. Сега сакаме да ги вклучиме и другите општини кои претставуваат еколошки жешки точки. Секој со својата приказна, секој си има свој загадувач и проблем. Сакаме последиците од загадувањето на тешката индустрија со тешки метали, да ги отстраниме и да ја прочистиме почвата. Во Велес проблемот е со кадмиумот и оловото, на некои места над 24 пати над максимално дозволеното. Во околината на Кавадарци, во регионот на тешката индустрија, пробите од почвата покажуваат дека има загадување на железо и никел. На некои растенија покажа зголемено количество на железо. На некои не покажа, тоа покажува дека некои растенија се апсорбери, некои не ги апсорбираат тие тешки метали. Еден ипол пат над дозволеното е загадувањето со железо, со никел е во границите на дозволеното, користејќи го атласот на професорот Стафилов. Претходно, на почвата околу фабриката загадувач, природно е присутен никелот. Тоа е почва која може да го прими тој тежок метал. Но ситуацијата со железото е загрижувачки над дозволеното, соопшти Кире Кочов, координатор на проектот и претставник на друштвото од Велес.

На 4 октомври 2018 година во Кавадарци беа земени проби од почва во близина на село Возарци и во Кавадарци на длабочина од 20 см и 40 см. Исто така беа земени проби од пченка, пиперка, грозје и зелка. Пробите беа земени од координаторот на проектот, а примероците беа испитани во референтна лиценцирана лабараторија во Велес.

Со ова испитување, еколошкото друштво „Вила Зора”-Велес се стреми кон утврдување на тешки метали во почвата во Велес, Скопје, Тетово и Кавадарци, но и препорачува како да се исчисти почвата од истите, односно како да се деконтаминира со помош на растенија (хиперакумулатори), кои имаат способност да ги aпсорбираат тешките метали од почвата. Ова друштво ќе реализира акции во Велес, Скопје, Тетово и Кавадарци за чистење на почвата преку набавка на семенски материјал и одбирање на соодветно растение за деконтаминација.

Овој проект трае три години. Ќе се види присуството и на други тешки метали и ќе се бара начин за справување, таму каде што тоа присуство е зголемено.

На таа почва каде се земани проби, се планира да се направи опитно четири парцели на површина од половина декар. Ќе се проба со четири култури, хиперапсорбери, за да се види која е најдобра за деконтаминација. Тие опити ќе траат две години.

Кочов информираше дека во Велес подготвуваат и стратегија за деконтаминација на почва, со желба тоа да се прошири и во целата држава.

Роберто Паризов, претседател на еколошкото друштво „Еко-живот” од Кавадарци, рече дека тие континуирано работат на справување со загадувањата. Се во интерес на населението и природата. Најави дека во иднина ќе се зафатат и со анализа на неконтролираната апликација на пестициди.