Француските и франкофонските медиуми со големо внимание ја проследија посетата на папата Франциск на Северна Македонија, јавува дописникот на МИА.
Фигаро објави текст со наслов „Папата и оддава почит на Мајка Тереза“, а дневниот весник „Ла Кроа“, со отворена демохристијанска определба и кој некои го сметаат за глас на католиците во Франција, го одбра насловот „Во Македонија папата на сиромасите оди по чекорите на Мајката Тереза“ – најславното дете на Северна Македонија. „Ла Кроа“ одвојува широка репортажа за „активната улога на католичкото малцинство за кохезијата на земјата“.
Весникот, исто како и скоро сите други француски медиуми кои ја следеа посетата, покрај религиозните пораки на папата Франциск, ја ставаат во прв план и политичката порака во која тој го „охрабрува европското вкотвување на Северна Македонија“, која „прифати и помогна голем број на мигранти бегалци кои доаѓаат од различни земји од Блискиот Исток“. Прифаќање кое само може да се поздрави бидејќи „тоа ја почестува и зборува за душата на народот“. Од Скопје папата испрати повик за интеграција на земјата во Европа со почитување на различноста фундаменталните права.
„Ле Монд“ забележува дека промената на името ја подели земјата. Претседателот во заминување го посочи тоа во поздравниот говор. „Доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а Македонија тешко повредена со предадени ветувања, измамени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница”, рече Ѓорге Иванов, неколку дена по изборот на неговиот наследник, социјалдемократот Стево Пендаровски.
Ова не го спречи папата да ја поздрави Македонија, „мешавина на култури, етнички и верски припадности” која „довела до мирен и траен соживот, во кој секој идентитет знаел или можел да се изрази и да се развие без да се негираат, угнетуваат или дискриминираат другите, пример на референца за спокоен и братски соживот, во дистинкција и взаемно почитување “.
Агенцијата Франс Прес, исто како Евроњуз го ставаат токму поздравувањето од страна на папата на „мозаикот на култури“ кој го претставува Северна Македонија. Притоа се нагласува дека папата Фрнциск побарал од Балканот да се ангажира на патот на соживотот и согласувањето, повик испратен од земја која е мозаик на националности и вери. Или како што насловува Трибун де Женев, „Папата го славеше единството во „мозаикот’“ при посетата на Северна Македонија.
За Ватикан њуз, „Во Северна Македонија папата го посеа семето на братството“. Овај инернет портал на папската држава, ја објавува целосно и прес конференцијата на папата одржана во авионот на враќањето од Скопје кон Рим.
За посетата на двете земји и впечатокот од нив папата вели дека тоа „се два сосема различни народа. -Бугарија е нација со секуларна традиција. Македонија, исто така има секуларна традиција, но не како земја, туку како народ. Таа неодамна успеа да се воспостави како нација, прекрасна борба. За нас христијаните, Македонија е симбол на влезот на христијанството на Запад. Христијанството влезе на Запад преку вас, Македонец по име Пол, кој сакаше да оди во Азија. Македонскиот народ не ја пропушта можноста да нè потсети дека христијанството влезе низ вашата врата затоа што Павле бил повикан од еден Македонец. Бугарија мораше многу да се бори како нација. Во 1877 година, 200.000 руски војници загинаа за да ја повратат независноста од Османлиите. Толку многу борби за независност, толку многу крв, толку многу мистика за да се консолидира идентитетот. Во двете земји постојат христијански православни, католички и муслимански заедници. Процентот на православните е многу силен во двете земји. Тој на муслиманите е помал. Католиците се малку (во Бугарија побројни отколку во Македонија), вели папата Франциск.
Во двете земји, дополнува, видов едно нешто: постојат добри односи меѓу различните вери: во Бугарија, го видовме со молитвата за мир. Ова е нормално за Бугарите: секој има право да ја изрази својата религија и правото да се почитува: тоа ме погоди. Потоа разговорот со Патријархот Нефит ми помогна многу, тој е Божји човек! Во Македонија ме погоди реченицата на претседателот: „Тука, нема толеранција за религијата, постои почит”. Ние ја почитуваме. И денес, во светот во кој постои недостаток на почитување на човековите права, за децата, за постарите, дека мистиката на една земја е почитта, тоа ми направи добро.
Весникот Журнал ди Монтреал и Метро, се осврнуваат на еден друг аспект од посетата на папата, неговата средба со католичкиот свештеник со ориентален обред, кој пред папата заедно со неговата жена и деца го пофали брачниот живот, а париски „Ле Монд“ го одбра насловот „Сонувајте, и сонувајте голем сон“ – пораката испратена од Папата до младите Македонци.