Мицкоски: Едно од сценаријата за делување закон за амнестија

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашната дебата на  јавниот сервис МТВ рече дека едно од сценаријата во нивното идно делување ќе биде изготвување закон за амнестија за  притворените за настаните во Собранието од 27 април. Најави дека наскоро ќе бидат објавени идните чекори на партијата, меѓу кои и делувањето на пратениците, потенцирајќи дека за ова има сериозна дебата.

Потенцира дека конструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде ставена под знак прашање и посочи дека таа треба да биде двонасочна. – Како пратеничка група мора да препознаеме дека и од другата страна има двонасочна  конструктувност, рече Мицкоски.

Според него, во периодот кој следи ќе понудат нови политики и пристапи кои соодветствуваат на современа десна народна партија. Мото на неговото идно делување ќе биде обединувањето, кое, како што оцени, „треба да ги спои за да се застане на патот на штетните политики на Владата на СДСМ“ кои, според него, „се антинационални и антидржавни и не го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните наспроти предизборните ветувања“.

Како што најави, ќе има поместувања во Извршниот комитет со нови, но и со имиња со политичко минато, а кои првин ќе бидат презентирани пред централниот комитет на партијата. Ќе бидат формирани и нови тела: совет на ИК, како и совет на претседателот на партијата.

Мицкоски вели дека има одлична соработка  со сите пратеници и оти со нив има редовни координации, на кои, како што вели, најчесто е присутен и Илија Димовски, кој се повлече од позицијата координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Владимир Ѓорчев кој е поставен за нов координатор, според Мицкоски, е времено решение поради динамиката на неговите други активности, а по конституирањето на новите партиски тела ќе биде поставен нов координатор.