Левица не треба да поддржи ниту еден кандидат за претседател реагираат исклучените членови

Левица не треба да поддржи ниту еден кандидат за претседател предложен од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, согласно партиската одлука донесена на 3-ти февруари годинава, и ние остануваме на ставот дека секој член и симпатизер може слободно да одлучи дали ќе бојкотира, дали ќе го поништи ливчето или ќе гласа, порачаа на денешната прес-конференција пред Основниот суд во Скопје, исклучените членови од партијата.

Зоран Василески, еден од исклучените членови на президиумот на Левица, истакна дека Левица не е партискиот печат, и дека водат судска постапка против одлуката на групата околу Димитар Апасиев за нивно исклучување од партијата.

– Димитар Апасиев лажно се претставува и го поддржа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сепак остануваме на ставот дека Левица како партија, која нуди надеж за работниците по 30-години транзиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, не смее да даде поддршка, особено не отворена на овие два кандидати, изјави Василески.

Ставот на Левица, посочи Василески, е дека секој член и симпатизер може слободно да одлучи дали ќе бојкотира, дали ќе го поништи ливчето или ќе гласа.

– Почитувајќи го овој став, ние ќе се придружиме кон гневот на граѓаните од овие две партии и затоа не планираме да ја ставиме, како што тоа го прави Димитар Апасиев, партијата во служба на исполнување на цензусот, истакна Василески.

Во однос на судската одлука за легитимното раководство на Левица, Здравко Савески кој исто така е од исклучените членови од партијата, рече дека со такви одлуки судството дополнително го уништува владеењето на правото и со евентуалното губење на правната битка за Левица од нивна страна во прилог на Димитар Апасиев ќе биде силна порака дека демократијата во нашата земја изумира.

– Тоа ќе значи дека секој што го владее партискиот печат ќе може, со кршење на статутот на партијата, без доволно поддршка од органите на партијата да воспостави автократска власт во својата партија, бидејќи во секој случај судот ќе пресуди во негова корист, поради тоа што тој е поседник на печатот. Апелирам да се имаат во предвид индикациите по демократијата во земјата. Ако, не ќе биде сосема јасно и ние ќе имаме султан партии, каде никој внатре не може да бара и да очекува демократија, истакна Савески.