Писмен став за ЕУ перспективите

Почитувани,                                              

Без намера да звучам нескромно или да ставам сол на лута рана, сепак сакам да нотирам еден факт. Јас, кој постојано сум мета на напади, омаловажувања, опструкции заради тоа што некому смета што жестоко го бранам неприкосновеното право на самоопределување на Македонската нација, постојано предупредувам дека ЕУ во континуитет е лицемерна кон Македонското прашање и нашето интегрирање. За жал, сега, тоа се потврдува на дело. На “метларите” на чело со Заев, Димитров, Шекеринска и несреќниот Пендаровски илјада пати им повторувам гаранциите дека предавствата со Бугарија и Грција ќе обезбедат брз влез во ЕУ се лажни! Поранешниот висок функционер на Американскиот Стејт Департмент, Брајан Хојт Ји, кој одлично ги познава приликите на Балканот, ја соопшти вистината. ЕУ не му го придава потребното значење на регионот. Лажни се најавите за проширување до 2025. Балканските земји фингираат реформи и затоа лажните ветувања се гориво за неспособните политичари да им даваат лажна надеж на своите гласачи дека за неколку години ЕУ ќе се прошири. Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на Велигден не “поздрави” со своите апели дека одлагањето на преговорите со Македонија може да има драматични последици. Ова следеше откако Франција најави дека нема да попушти од својот скептичен став Албанија и Македонија да добијат датум во јуни. Претходно Холандскиот Парламент побара од ЕУ укинување на безвизниот режим за Албанските државјани заради наводно зачестено оперирање на Албанската мафија во Холандија. Известувачот за Македонија, Словенечкиот Европратеник Иво Вајгл предупреди дека Европските челници непринципиелно Македонија и Албанија ги разгледуваат во пакет. Кризата во Албанија е тешко разрешлива.

Првичните оценки за Балканската регионална средба во Берлин под покровителство на Ангела Меркел и Емануел Макрон е дека личи на една доза “тапкање по рамо” меѓу двата круга Претседателски избори и обид за ублажување на разочарувањето кое ги зафаќа граѓаните. Иако, се продава нова надеж дека Македонија може да се одвои од Албанија и да добие датум за преговори во јуни, јасно е дека регионалната средба е организирана заради преговорите меѓу Србија и Косово, а во тој контекст е спомнувањето на Договорот Заев-Ципрас како модел за затворање билатерални спорови.

Фактичката состојба е дека Евроскептиците се закануваат да ја преземат контролата на ЕУ после Европските избори. Идниот Грчки Премиер, Киријакос Мицотакис уште од сега ја темели предизборната кампања на Нова Демократија со закана дека ќе го блокира отворањето на поглавјата за Македонија. Станува се поизвесно дека стожерните ветувања немакедонската Влада паѓаат во вода. Првенците на ЕУ насила ги донесоа на власт, сега свесно или несвесно помагаат побрзо да бидат отстранети.

Ако се потврдат сомневањата дека и покрај предавствата Македонија ќе извиси во јуни, Заев, Димитров и Шекеринска мора да понесат политичка одговорност што дозволија да бидат насамарени. Бадијала го сменија светото Македонско име и го продадоа идентитетот. Им остана само гревот! Тргнаа против волјата на Македонската нација, брутално ги раздаваат Македонските национални интереси со ветувања за брз влез во ЕУ, а нивната главна приказна се повеќе наликува дека се одлага со она на Заев “мало сутра”.

Сега доаѓаме до мојата клучна теза, зошто Македонските политичари три децении прават компромиси на штета на Македонската нација?Македонија и до сега преку АРМ беше дел од мировните мисии на НАТО Алијансата, а безбедноста ни ја гарантира САД со специјалниот билатерален договор. Главната надеж за економски просперитет граѓаните ја очекуваат од ЕУ. Ако таа се одлага до недоглед, зошто тогаш да бидеме жртви на ЕУ лицемерието?

Малку по малку, сите ќе дојдете на моето! И тие што тврдат дека моите заложби се романтичарски и неостварливи, полека ќе се уверат во исправноста и долгорочната одржливост на мојата визија за сигурна иднина! Македонската нација мора се да врати назад. Без компромиси! Македонската династија мора да биде возобновена со сите национални атрибути. Доста беа понижувања! Ние не сме хибридна нација создадена 1944 од Јосип Броз Тито! Македонци се споменуваат во Библијата, ниту Грци ниту Бугари!

Прво да си ја завршиме домашната задача. Да ги испратиме предавниците на буништето на историјата. Легитимитетот назад кај граѓаните. На парламентарни избори со една изборна единица и отворени листи ќе добиеме Македонско Собрание достојно за задачата која следи. Има луѓе кои се подготвени со разум, искуство, знаење и храброст за вистински одлуки. Македонски народе не очајувај, не си сам!                            

НИКОГАШ СЕВЕРНА, МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА!

 Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

 Претседател,

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *