Официјалните податоци што ги објави Државната изборна комисија во врска со одржаните предвремени избори за градоначалник покажуваат дека охриѓани идниот градоначалник ќе го добијат во вториот круг од изборите закажан за 5 мај.
Според податоците на ДИК, ниту еден од петтемина кандидати не ги има добиено потребните 50 отсто плус еден глас од излезените гласачи на изборите така што во вториот круг ќе одат двајцата кандидати со освоени најголем број гласови, а тоа се кандидатот на СДСМ Константин Георгиески и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Митре Милошевски.
Кандидатот на СДСМ Георгиески вчера ја добил поддршката на 13.037 граѓани, пред противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 10.614 гласа.
Од останатите кандидати Михаил Трендафилов Нанче од Граѓанско демократската унија доби 1.655 гласа, Стевче Стевоски од Демократи 1.003 и Џемал Мена од Движењето Беса 553 гласа.
Инаку, излезеноста на изборите беше 53,84 отсто, односно вчера правото на глас го искористиле 26.862 од вкупно регистрираните 52.223 лица во Избирачкиот список. Она што е карактеристично за првиот круг од изборите за градоначалник се и 1.256 неважечки ливчиња односно 4,45 отсто.