ЦАРЕВ ДВОР И ДРМЕНИ – ГРАДСКИ НАСЕЛБИ
Царев Двор е едно од најголемите и најубавите населби во Преспа. Тоа е распослано во рамничарската питомина на Преспанското Поле, близу до синото Преспанското Езеро, во најубавиот дел на Преспа. Царев Двор е тесно поврзано со Дрмени со новоизградените куќи покрај патот и заедно прават најголема населба во Преспа после Ресен
Царец Двор и Дрмени се наоѓаат на пет-шест километри од Ресен и се раскрсница на патот од Макази кон Отешево. Тие се стари мешана етнички населби, со претежно македонско населени и турско малцинство.
Царев Двор е големо и убаво уредено преспанско село од збиен (собран) тип, со околу 450 куќи, обновени или новоизградени. Во минаторо, тоа била развиена трговска населба, за што зборуваат седумте влезно – излезни патишта, како и постоењето на црквичката Меркурија (според нивно кажување светец на трговијата). Денес Царев Двор се проширува на сите страни и прилега на градска населба која претставува значаен дел на Преспа и Македонија.
Царев Двор е царско место на Цар Самоил. Тоа е стара македонска населба со сите нишани на древноста и вистината на Македонија. Тоа е место на иднината на Преспа. Тоа е мести во кое постојат две цркви и една џамија. Црквата „Св. Никола“ што е лоцирана на влезот во населбата по патот од Ресен била изградена во 1875 година. Во неа живеел и работел познатиот македонски борец од Втората светска војна, Јосиф Јосифовски – Свештарот. Црквата таканаречена Долна Црква, пак, е на патот за селото Езерени, која е стара и била обновена во 1920 година. Џамијата, пак, се наоѓа во центарот на селото и била изградена во Отоманскиот период, а е обновена во 1974 година.
Царев Двор
Царевдворци својата егзистенција во минатото ја обезбедувале преку поледелството и сточарството. Најмногу биле застапени житните и градинарските култури, а некогаш се садело и македонското злато – тутунот. Од 1960 година, пак, преовладува овоштарството, кое е најразвиено во Преспа, а најмногу хектари се под јаболкови насади и други овоштарски култури.
Образовните процеси во Царев Двор почнале во годините на Илинденското востание, кога е изградено и старото училиште. Новата училишна зграда датира од учебната 1964/65 година. Пред Втората светска војна имало триесетина жители со завршено средно, а денес со завршено вишо или високо образование има преку стотина жители, меѓу кои, има магистри и доктори на науки како и познати и признати граѓани на Македониај и светот.
Меѓу другите, од Царев Двор потекнуваат: Цветко Узунов – Абас (1916 – 1994), револуционер, генерал, член на Президиумот и на Првото заседание на АСНОМ, а Цветко Узунов, заедно со Вангел Темовски и Алексо Стефковски биле учесници во Граѓанската војна во Шпанија; Живко Стефановски, првоборец; митрополитот Кирил, потписникот на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и владиката кој ги стави темелите на најголемиот број македонски цркви во дијаспората; проф. д-р Христо Поповски; познатиот новинар Панде Поповски, Гога Прцуловски, Гоце Андоновски, Васил Василевски и многу други. Затоа со право се вели дека Царев Двор е револуционерно село во Преспа. Во НОБ животите ги дале Живко Андоновски и Мите Прцуловски Денес во селото постои спомен – биста на народниот херој Јосиф Јосифовски – Свештарот.
Исто така, од Царев Двор има голем број иселеници ширум светот, кои се дел од националното и црковното живеење на Македонците во дијаспората. Меѓу нив треба да се споменат: Димче и Пара Ставревски, Јонче и Вера Филиповски, Блаже и Кицо Принцевски, Блаже и Кита Поповски, Владе Царевски, Гоце Поповски и многу други во САД, Канада, Австралија и Европската Унија.
Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Дрмени
Кога се зборува или пишува за Дрмени, патеписецот помислува на градска населба, бидејќи ова преспанско село со новите изградени современи куќи покрај патот изгледа како да се споило со Царев Двор и заедно прават најдолга населба во тие делови на Преспа. Дрмени се наоѓа на околу 6 км од Ресен и исто толку од раскрсницата на патот од Маказот кон Отешево.
Тaа е стара мешана етничка населба, со претежно македонско населени и турско мухамеданско малцинство, кое претежно живее во странство, но на корените во селото изградиле современи домови и доаѓаат особено во летниот период. Дрмени е убава рамничарска населба со богати овошни и други култури.
За името на Дрмени се смета дека е етничко, изведено со помош на суфиксот „ени“ од апелативот „дрм“ (се мисли на грмушкасто растение). Во различни периоди со името, Дармени, Дермени и Дрмени, селото се среќава во повеќе извори од различни периоди.
Денес во селото има околу 200 куќи современо опремени и над 400 жители, од кои покрај Македонците има дваесетина семејства од турска националност, кои сложно живеат и во Македонија и во Европската Унија. Во селото има една црква и една џамија. Црквата „Свети Ѓорѓи“ се наоѓа во селото покрај патот Битола-Отешево и била изградена во 1871 година, која располага со богат иконостас и црковни украси. Во нејзиниот круг се селските гробишта и една германска гробница од Првата светска војна. Џамијата, исто така, е во селото. Таа е стара исламска градба, а е обновена 1980 година.
Митрополитот Кирил и дел од неговиот овоштарник во Царев Двор
Во Дрмени, како и во голем број други села во Преспа до Втората светска војна немало ниту еден жител со завршено средно образование. Меѓутоа, по ослободувањето се стекнале со вишо и високо образобание околу 70 души. Многумина од нив прераснаа во успешни раководни кадри, во стопанството, општествените дејности и државната управа.
Како добри стопанственици посебно се истакнаа; Данчо Шутурковски, Драган Таневски, Митко Ноневски и други. Од ова село потекнува и универзитетскиот професор д-р Љубица Шутурковска., спортистот Кирил Филиповски, како и голем број истакнати исленици ширум светот, меѓу кои, Нане Темелковски, Борис Таневски, Здравко Јошевски, Стојан Ристовски, Ѓорѓи Ристовски и други.
Дрменци својата егсистенција секогаш ја обезбедувале преку поледелството, сточарството и печалбарство. Интересно е да се спомене дека во Дрмени се одгледувале биволи. Меѓутоа, денес дрменци работат во државни и општествени служби, трговски и производни претпријатија..
Во текот на Втората светска војна селото беше под повеќе фашиститички окупации. Во тие тешки години, своите животи за подобро утре на Преспа и Македонија ги дадоја Пере Несторовски, Јонче Волчевски и Борис Робановски. Меѓутоа, денес Дрмени е населба со добра иднина за младите генерации.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН