За Есмините турнеи на музичките сцени ширум светот

ЕСМИНИ ТУРНЕИ НА МУЗИЧКИТЕ СЦЕНИ ШИРУМ СВЕТОТ

Според кажувањата на Есма, оттука од Балканот, тргнале зиме среде снегови и мразови, а во белиот Сиднеј слетале среде белото, сончево австралиско лето. Промената на временските и климатските зони и долгиот напорен 24-часовен пат со прелетани околу 18.000 километри, веднаш се заборавил, кога на сиднејскиот аеродром ги дочекале стотици и стотици наши Македонци. Есма уште во авионот ја преслекла топлата европска зимска гардероба и излегла со летен портокалов фустан, со шешир и сандали сè во ист тон

Следел многу срдечен пречек кој им ги разгалил душите на Есма, Стево и Ансамблот „Теодосиевски“. Тоа било и најава за успешната австрaлиска турнеја, особено што, меѓу овие наши сонародници во светот, кои се  прочуени по гостољубието, срдечноста и патриотизмот, така било насекаде и за сето време.

Концерти одржале по цела Австралија, со преполни сали, каде имале заемен, емоционално роднокраен мост. Биле и влегле во многу убаво дотерани домаќински средени домови на нашите иселеници. Споделиле со нив, со нашите сонародници, дел од времето, носталгијата, татковинската љубов и впечатоците  кои ги имало премногу и во секое место. Тоа биле многу мили, срдечни, отворени луѓе кои сакале да сторат сè само за да се чувствуваат пријатно и како меѓу најсвоите. Секако, концертот во Сиднеј на кој присуствувале 200.000 присутни во Хајд Парк ќе остане запаметен по својот рекорд.

Потоа, со возбуда раскажуваше Есма: „Не, нема да заборавам кога во Сиднеј специјално запеав за еден повозрасен свештеник на Македонската православна црква. Каков чудесен лик. Како од икона беше пресликан неговиот племенит поглед, убаво негуваната брада и сè на него. Стануваше збор за свештеникот Михајло Гогов, кој подоцна стана поглавар на МПЦ, неговото блаженство г.г. Михаил, кој ми остави многу силен впeчаток. Го забелажав уште од аеродромската зграда меѓу толкуте нашинци и знаев, дека тоа е значаен отец во духовните храмови.

Целата турнеја во најдалечниот континент среде лето, останува засекогаш меморирана во мене, бидејќи беше преубаво доживување низ 7,5 милиони километри квадратни големата австралиска земја“.

ujm2

Сиднеј

Според зборовите на Есма, враќањето од Австралија го искористиле да ја посетат Индија. Така, таа ни го кажа следното: „На враќање решивме со Стево да останеме некој ден во Индија, бидејќи ми беше предизвик да видам од каде се влечат пракорените на некои семејни лози од Ромите распрскани по белиот свет. Така велат дека се од индиските простори. Нашите дестинации беа Њу Делхи и Бомбај. 

Во врелата влажна клима, по улиците, низ дворовите, трговските центри, по мермерните раскошни монументи и храмови, видовме контрасти на животот и смртта. Контрасти кои тешко може да се oпишат на мал простор. Пред нас дефилираше крајна сиромаштија и луѓе кои молат за корка леб и милостиња, па сè до големи раскошни богатства и блесок“.

Кога се вратиле дома во Белград, по неколку дена Стево ја изненадил Есма со добра вест, донесувајќи прекрасно дизјаниран и стокмен повеќејазичен проспект во боја насловен „Есма и Ансамбл Теодосиевски“. Прекрасно издание. Да не можеш очи да тргнеш од така професионално направена брошура. Стево само со една реченица кажал дека чини 12 милиони. Ау, си рекла Есма, ми отидоа парите за нашата нова куќа. Се налутила, и не му прозборела цел месец.

Но, времето покажало дека Стево бил во право. Полн погодок. Многу било потребно едно такво монографско издание за нив. Бидејќи каде и да го испрателе заедно со плочата и нивниот  репертоар, доаѓале и покани за нови гостувања.

До 1971 година, биле распродадени, а во претходните две години биле на турнеи во Америка, Канада и други земји низ европскиот континент.

Некаде во пролетта 1974 година, се укажала можност да откупат половина изградена куќа, на белградското Јулино Брдо. Но, тоа било ново место, непозната средина, други соседи, сè некако било поинаку. Туѓо. За десетте години минати на Дедиње, стекнале многу пријатели, се навикнале на тоа нивно катче и на околината и одлично функционирале, што им било жал да заминат, иако таму просторот бил тесен и не баш функционален.

ujm3

За новото живеалиште Есма ќе речеше: „Сепак, постепено се привикнувавме во новите услови. Тоа беше новото семејно гнездо и колку побргу, толку поарно го поминувавме тој адаптaционен период. Тукушто се вселивме и почнавме да го средуваме, не чекаше пат за Иран, како ексклузивни гости во договорот со салата „Мајами“ во Техеран. Едно големо интересно здание за мјузикл во главниот град на Иран. Многу слична со париската „Лидо“.

Таму веќе гостувале Домeнико Модуњо, Ал Бано и многу други светски ѕвезди. Ние настапувавме три месеци, што беше навистина многу долг концертен циклус. Гостувањето се совпадна со прославата на 8 Март, па ние одржавме концерт во тамошната југословенска амбасада, на кој дојде и целиот дипломатски кор, а специјален гостин беше Фарах Диба, сопругата на иранскиот шах Реза Пахлави.

Ако немавме веќе договорено патување за Бугарија, ние можевме да го продолжиме гостувањето во Иран за уште некое време. Во соседна Бугарија останавме долго, 240 дена и одржавме 349 концерти. Заокружувајќи го 350. во југословенската амбасада во Софија по повод Денот на Републиката.

ujm4

Пролетта, 1974 година, во домот на Теодосиевски влегол човек во години. Тој бил црномурест и бил менаџер по име Риши кој дошол од Индија како директор на Романолошкиот институт. Неговата цел била да ги запознае Есма и Стево и да го испита пулсот дали имаат желба да патуваат за Индија на ромскиот фестивал.

Секако, дека една таква укажана чест и лично врачена покана  од  организаторот, не можела да биде одбиена и пропуштена. Туку и тоа индиско патешествие со толку почести и внимание, уште повеќе го дополнува богатиот мозаичен  естраден живот.

Како резултат на преговорите со менаџерот од Индија, Есма и Ансамблот „Теодосиевски“ гостувале во градот Чандигар, каде се одржал Светскиот фестивал на ромската музика, со учество на  претставници од 20 земји од светот. Таму Есма и официјално била прогласена за „Кралица на ромската музика“.

Патувањата и гостувањата на Есма и Стево Теодосиевски продолжиле, речиси со иста динамика за цело време. На нивна адреса им стасувале покани од многу страни и станувало збор за големи турнеи. Така, најпрво, осум месеци биле низ Швајцарија, Франција, Западна Германија, Белгија, Холандија, Данска, Шведска и други земји. Веднаш по една ваква мамутска турнеја по стариот континент, следел летот преку Атлантикот во Америка, Канада и Мексико. Таму биле  цели 16 месеци.

Продолжува

slave

Пишува: СЛАВЕ КАТИН