ПОДЕЛЕНА МАКЕДОНИЈА – ПОДЕЛЕНА ПРЕСПА
Мала Преспа или Долна Преспа, како Преспанци ја нарекуваат е географска област покрај југозападниот брег на Преспанското Езеро. Целата област се состои од десетина села коишто се организирани во Општината Пустец. Селото Пустец, пак, е најголемата населба, а истовремено е и седиште на општината, чиј градоначалник и сите членови на советот на оваа, за жал, единствена македонска општина се етнички Македонци.
Интересно е да се спомене дека грбот на општината го содржи древниот македонски симбол, 16-зрачното сонце од Кутлеш (Палатица – Виргина) над кое стои двојазичен натпис на македонски јазик Општина Пустец, а под него и на албански јазик.
Мала Преспа како нераскинлив дел од Македонија беше даден на Албанија по потпишувањето на Версајскиот мировен договор во 1919 година. Со овој договор заврши поделбата на Македонија меѓу Србија, Грција, Бугарија и Албанија и започна ерата на денационализација и присилна асимилација на македонскиот народ.
Денес, Македонците во Албанија имаат далеку поголема слобода и човекови права од Македонците во Грција и Бугарија, меѓутоа, сепак, тие се недоволни. А сè уште постојат бројни прекршувања на човековите права во Мала Преспа, Гора и Голо Брдо и на други места каде живее македонско население.
Според поголем број податоци, реалниот број на етнички Македонци во цела Албанија е оценет како поголем од 200.000 лица. Нивната најголема концентрација е во пограничните региони на Гора, Голо Брдо и Мала Преспа. Исто така, постојат голем број Македонци кои живеат во Тирана (околу 20.000), Поградец, Корча, Каваје, Елбасан и други места.
Албанија и Србија се соседни земји на Република Македонија кои го признаваат статусот на македонското етничко малцинство. Во Албанија уште од 1945 година во Мала Преспа има настава на мајчин македонски јазик во основното образование до петто одделение, за кое образование се издадени учебници од страна на државата. Исто така, во рамките на училиштето во Пустец постои и библиотека со огромен фонд книги на македонски јазик. Всушност, тоа е прв случај на официјална употреба на македонскиот мајчин јазик во Република Албанија.
Се очекува дека правото на настава на својот мајчин јазик, во согласност со меѓународните стандарди, исто така, да биде продолжено со учениците од македонска етничка припадност во другите делови на Албанија. Тоа значи дека Албанија во согласност со договорите за соработка во областа на образованието потпишани пред повеќе години се обврзува да воведе настава на македонски јазик во средното и во високото образование, односно на факултет.
Постојат неколку организирани и активни здруженија и партија на Македонците во Албанија, но можностите за политичка активност се мали, бидејќи државата не дава финансиска поддршка на нивните организации. Меѓутоа, Македонците во Албанија прават големи усилби за самоорганизирање. Така, меѓу другото, уште од 1993 година започна да излегува првото периодично списание на македонски јазик, „Мир“, а потоа „Преспа“, и поголем број електронски портали а, исто така, беше пуштена и радио и телевизиска програма на македонски јазик.
Позицијата на етничките Македонци во Албанија е далеку од онаа на етничките Албанци во Република Македонија. Додека во републиката етничките Албанци се и министри и пратеници во Собранието и нивната голема партија е коалициски владин партнер, Македонците во Албанија се‘ уште немаат можности за вистинско политичко учество. Во моментов, не постојат етнички македонски пратеници, а мал број од Македонците се застапени во институциите на државната власт и локалната самоуправа, во споредба со прекубројната застапеност во администрацијата на Албанците во Република Македонија.
Едмонд Темелко
Кога се зборува за прашањето на статусот и положбата на етничките Албанци во Македонија и оние на етничките Македонци во Албанија, за жал, Македонија никогаш не инсистира на реципроцитет, туку ги смета правата на албанското малцинство како еден од клучните фактори на нејзината демократија. Но, сите мора да разберат дека Тирана не може неограничено да го бара невозможното од Македонија, додека правата на етничките Македонци во Албанија да остануваат под најелементарно ниво, пропишано со сите светски закони и стандарди.
Како пример за таквиот однос треба да се спомене пописот кој се врши со учество на европски и меѓународни институции и кој сė уште не го прикажува вистинскиот етнички состав на населението во оваа земја.
Во областа Мала Преспа спаѓаат дел од Преспанското Езеро на поделена Македонија и следните села: Глобочани, Горна Горица, Долна Горица, Зрновско (или Зрноско), Леска, Пустец, Туминец, Шулин (Безмиште), Церје, кои ја сочинуваат Општината Пустец, и селата Прогун, Ракицко, Суец, Заградец, во егејскиот дел на Македонија.
Продолжува . . .
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com